Американската поп-ѕвезда и културна икона Бијонсе Ноулс-Картер ги здружи силите со производителот на алкохолни пијалаци Moët Hennessy, дел од групацијата на луксузни брендови LVMH, за да го создаде новиот револуционерен бренд на виски „SirDavis“. Првото заедничко партнерство од ваков вид ја одразува споделената визија на Бијонсе и Moët Hennessy, две авангарди на културата и креативната извонредност, за иднината на американското виски.
Овој уникатен производ се подготвувал со години откако Бијонсе, како ентузијаст за јапонско виски, побарала од Moët Hennessy да ѝ помогнат во создавањето на уникатен профил на вкус кој го одразува нејзиниот идеал за виски. Во меѓувреме, Moët Hennessy истражувале начини како да го продлабочат своето присуство на американскиот пазар на виски, па партнерство со Бијонсе дошло во вистински момент.
„Отсекогаш ме привлекувале моќта и самодовербата што ги чувствувам кога пијам квалитетно виски и сакав да поканам повеќе луѓе да го искусат тоа чувство. Кога открив дека мојот прадедо бил човек кој произведувал домашни ликери, ми се чинеше дека мојата љубов кон вискито е судбина. SirDavis е начин да му оддадам почит, обединувајќи нè преку ново заедничко наследство. Во партнерство со Moët Hennessy, направивме вкусно американско виски кое ја почитува традицијата, но исто така им дава моќ на луѓето да искусат нешто ново и уникатно во категоријата. Можете да го вкусите подобро отколку што можам да ви го раскажам – добредојде, Сер Дејвис“ – посочува Бијонсе Ноулс-Картер.
Виските е именувано во чест на Дејвис Хог, прадедото на Бијонсе по таткова страна, кој што бил земјоделец на американскиот југ и производител на домашни ликери за време на прохибицијата. Тој криел шишиња со виски во празните јазли од кедрови дрвја за неговите пријатели и роднини да ги наоѓаат и во нив да уживаат. За Бијонсе, токму ова откритие ја поттикнало идејата за создавањето бренд на виски како нешто предодредено за неа. Четири генерации подоцна, наследството оживува – наместо скриени во дрвјата, шишињата од SirDavis гордо ќе ги красат горните полици на најдобрите снабдувачи со виски ширум светот.
„SirDavis не е само исклучително американско виски, на кое сме многу горди. Тоа е, исто така, доказ за непоколебливата посветеност на производството, наследството и иновациите што ги споделуваат LVMH и Бијонсе Ноулс-Картер“ – истакнува Бернард Арно, претседател и генерален извршен директор на LVMH.
View this post on Instagram
Moët Hennessy го избра д-р Бил Лумсден, еден од најнаградуваните и најценетите мајстори за дестилирање во светот, познат по неговата работа за шкотските брендови на виски Glenmorangie и Ardbeg, да го предводи создавањето на новиот бренд на виски SirDavis.
Лумсден се одлучил за уникатна комбинација на зрна – една од најретките нови понуди во светот на американското виски составено од 51% ‘рж и 49% јачменов слад – за да послужи како база на пијалокот. Лумсден потоа комбинирал традиционални техники на правење виски со цел да дојде до посакуваното елегантно чувство и текстура кои потсетуваат на јапонските и шкотските вискија, но истовремено ги задржуваат робусните и длабоки вкусови типични за класичната американска ‘рж.
Споделената посветеност на Moët Hennessy и Бијонсе кон извонредноста била клучна за партнерството и производот. За да се потврди квалитетот на SirDavis, пијалокот бил анонимно пријавен на повеќе престижни натпревари за алкохолни пијалоци пред неговото официјално лансирање.
Па така, SirDavis ја освоило наградата за „Најдобро виски во класата на американски вискија“ на SIP Awards во 2023 година, надминувајќи над 100 други пријавени брендови во категоријата. Доделена на само еден бренд по категорија, оваа награда е резервирана за врвни алкохолни пијалоци кои добиваат оценки во врвот на нивните соодветни категории и е највисокото признание од жирито на SIP. Други значајни резултати вклучуваат златен медал (95 поени) од International Spirits Competition 2023 во Њујорк и оценка од 93 поени на Ultimate Spirits Challenge 2023.
Бијонсе ја позајми својата визионерска уметничка визија во дизајнот на амбалажата на брендот – високо, привлечно шише со намерни дизајнерски елементи кои го прават садот непогрешлив светилник на луксуз. Шишето на SirDavis е впечатливо и чисто, со ребресто стакло кое прекрасно ја фаќа светлината и ја истакнува бојата на пијалокот внатре. На шишето е поставен црн медалјон со кралски бронзен коњ, амблем на сила и почит кој ги симболизира тексашките корени на Бијонсе.
Вискито ќе се произведува и пакува во нејзината родна држава Тексас. SirDavis влегува во историјата како првиот алкохолен бренд на Moët Hennessy кој е целосно развиен во Соединетите Американски Држави. Седиштето на SirDavis се наоѓа во близина на Хјустон, Тексас.
SirDavis ќе се продава по малопродажна цена од 89 долари ширум САД, како и во избрани продавници низ светот, почнувајќи од септември 2024 година.