Во срцето на Битола, главната шетачка улица – Широк Сокак – засвети уште посјајно! Компанијата „Божиновски часовници и накит“ во соработка со Фестивалот „Браќа Манаки“ го прославува богатото наследство на светската кинематографија со проект за поставување ѕвезди кои ќе ги обележат имињата на сите досегашни добитници на престижната награда „Златна камера 300“.
„Поставувањето на ѕвездите е симбол на вечната благодарност кон оние кои го вложиле своето срце и душа во создавањето на магијата на големата платна. Секоја ѕвезда ќе ја раскажува приказната на добитниците на „Златна камера 300“, претворајќи го Широк Сокак во жив музеј на кинематографските достигнувања. Пешачењето низ Широк Сокак, од денес ќе биде и патување низ годините на постигнувања, креативноста и инспирација и ќе има за цел да го инспирира секој еден човек кој помине низ улицата да продолжи да верува во силата на уметноста“, изјавија од Божиновски часовници и накит.
Компанијата заедно со организаторите на фестивалот „Браќа Манаки“ секоја година преку бројни проекти се трудат да направат исчекор чија цел е Битола да се трансформира во динамичен културен центар.
„Со секоја нова ѕвезда, градот Битола станува уште поголем дел од глобалната филмска сцена, одразувајќи ја својата посветеност кон уметноста и креативноста. Овие ѕвезди ќе го инспирираат младите таленти и ќе го поттикнат градот да продолжи да биде место каде што се вирее креативноста“, потенцираат од компанијата.
Проектот е круна на долгогодишната соработка помеѓу оваа битолска компанија и фестивалот, претставувајќи доказ дека состработката меѓу приватниот сектор и културните институции може да донесе значајни придонеси во заедницата и на тој начин креативно да се оживуваат градовите.
Овој проект е одличен пример за тоа како љубовта кон уметноста и филмот може да ја збогати заедницата и да ја поттикне културната експресија во секој агол на градот.