Како и многу други интернет платформи, така и блог-сервисот Tumblr воведува нов начин на кој корисниците ќе може да ги монетизираат своите содржини.
Имено, блогерите на платформата наскоро ќе можат да активираат претплата до нивниот блог и да наплаќаат за прегледување на нивните содржини.
Засега, опцијата насловена Post+ е во тест фаза со мал број на избрани блогери од САД. Меѓутоа, штом таа ќе биде целосно имплементирана, креаторите на содржини со само еден клик ќе може да ја лимитираат видливноста на нивните објави. Членството на Post+ ќе чини 4, 6 или 10 долари месечно.
Според Tumblr, платформата Post+ нема да биде ограничена на професионалци, ниту пак на оние со 10,000 следбеници или повеќе – таа ќе биде отворена за сите креатори на содржини и ќе ги помести границите на она што се подразбира под поимот „правење пари на интернет“.
Tumblr ќе задржува 5% од плаќањата, а остатокот ќе оди директно на сметка на блогерите. Меѓутоа, креаторите може да се случи да плаќаат дополнителни 30% доколку се регистрираат преку iOS или Android, бидејќи веќе постои тарифа за плаќања во рамки на апликацијата.