Борис Ефтимовски, основач на Маркетинг365 и повеќегодишен регионален консултант во областа на маркетинг и ПР индустријата, е поканет да биде член на жири комисијата на водечкиот адвертајзинг фестивал во Источна Европа, White Square. Ова за Ефтимовски ќе биде јубилејно 10-то учество во жири-комисиите на некој од интернационалните креативни и комуникациски фестивали.
Покрај Ефтимовски, остатокот од жири комисијата на претставници од медиумите го сочинуваат: Артур Громов, главен и одговорен уредник на Sostav.ru од Русија; Александар Димитрович, директор на одделот за маркетинг при TUT.BY од Белорусија; Ивана Парчетиќ Мичиќ, основач и генерален извршен директор на Marketing mreža од Србија; Елдар Соколов, директор на одделот за специјални проекти при новинста агенција TASS од Русија; Џесика Тенант, постар уредник во Bizcommunity од Јужна Африка; Тамар Мепаришвили, мултимедиски новинар за бизнис и маркетинг во Margeter.ge од Грузија; и Алексеј Адашкин, главен и одговорен уредник на радио MIR од Белорусија. Претседател на жирито ќе биде Гада Ази, уредник на магазинот ArabAd од Либан.
„Оваа година, жирито на мас-медиумите на адвертајзинг фестивалот White Square е составено од најсветлите медиумски претставници на креативната индустрија. Огромното искуство и долгогодишното следење на светот на креативноста ги обединува членовите на жири-комисијата во насока на постигнување објективност и непристрасност,“ посочуваат организаторите на фестивалот White Square.
Традиционално, жирито на медиумите игра значителна улога во вреднувањето на фестивалот и пријавените креативни дела од гледна страна на новинарите. Мас-медиумите се есенцијален дел од креативната индустрија. Тие ја зацврстуваат позицијата на брендовите, споделуваат инспирација и уникатен увид со својата публика и на бизнисите им овозможуваат да преминат кон следната етапа од нивниот развој.