Маркетинг ветеранот Бозома Сен Џон, поранешен маркетинг директор во PepsiCo, Apple, Uber и Endeavor, е назначена за нов генерален маркетин директор на стриминг-платформата Netflix. Сен Џон доаѓа на местото на Џеки Ли-Џо, која ја напушта функцијата CMO на Netflix по само 10 месеци поради приватни причини.
„Јас сум воодушевена што ќе се приклучам на Netflix, особено во време кога раскажувањето приказни е критично за нашата глобална, општествена благосостојба. Јас сум почестена ште ќе можам да придонесам со своето искуство кон едно веќе динамично наследство и ќе продолжам да ги поттикнувам интеракциите со брендот во иднина,“ истакна Бозома Сен Џон.
Сен Џон ќе започне со работа во Netflix од август, а за својата работа ќе го известува генералниот содржински директор на Netflix, Тед Сарандос.
„Бозома е извонреден маркетер кој разбира како да ги поттикнува разговорите околу популарната култура повеќе од скоро било кого. Како што ќе доставуваме повеќе одлични приказни до нашите членови ширум светот, таа ќе ја дефинира и предводи нашата следна возбудлива фаза на креативност и поврзување со потрошувачите,“ изјави Сарандос.
Бозома Сен Џон е родена во 1977 година и дипломирала афро-американски студии и англиски јазик во 1999 година. На почетокот од својата кариера работела за модниот бренд Ashley Stewart и адвертајзинг агенциите Arnold Worldwide и SpikeDDB. Во 2004 година станала дел од маркетинг тимот на PepsiCo, вршејќи ја функцијата на директор за музички и забавен маркетинг за Северна Америка во наредните 10 години.
Во 2014 се придужила на компанијата Beats Music на популарниот Доктор Дре, која за кратко време потоа била купена од Apple. Сен Џон ја вршела функцијата на директор за потрошувачки маркетинг за Apple Music и iTunes до 2017 година, пред да биде назначена за генерален бренд директор на Uber. По нешто повеќе од една година, во јуни 2018 била назначена за генерален маркетинг директор на Endeavor, од каде сега преминува во Netflix.