Американскиот технолошки гигант Apple повторно е прогласен за највреден бренд во светот на ранг листата на Brand Finance Global 500 за 2021 година, после пет години откако ја изгуби титулата од компанијата за е-трговија Amazon.
Според новата ранг-листа, објавена на веб-страницата Brand Finance, вредноста на брендот Apple се зголемил за 87,4 проценти на 263,4 милијарди долари, додека вредноста на второ рангираниот бренд Amazon пораснала за 15,1 процент, на 254,1 милијарди долари.
Меѓу првите 10 највредни брендови, дури седум се од САД, два се од Кина и еден е од Јужна Кореја.
Google е на третото место на највредни глобални брендови со проценета вредност од 191,2 милијарди долари, на четврто место е Microsoft (140,4 милијарди), а петти е јужнокорејскиот Samsung (102,6 милијарди долари).
Следуваат американскиот трговски ланец Walmart, чиј бренд вреди приближно 93,2 милијарди долари, Facebook со износ од 81,4 милијарди долари, на позицијата број осум е кинеската банка ICBC (72,8 милијарди долари), додека листата на првите десет е заокружена од страна на телекомуникациската компанија Verizon од САД (68,9 милијарди) и кинеската социјална мрежа WeChat (67,9 милијарди долари).
Имајќи предвид дека новите технологии се двигател на зголемувањето на вредноста на брендот во различни индустрии, компанијата Tesla зад себе остави многу традиционални брендови, со скок на вредноста од дури 158 проценти, на 32 милијарди долари, според оваа ранг листа.
Брендовите за електронска трговија напредуваа и во услови на „нова нормалност“ предизвикана од глобалната пандемија, при што кинеската технолошка групација Alibaba ја зголеми двојно вредноста на брендот, со раст од 108,1 процент на 39,2 милијарди долари.
Вредноста на брендовите во сферата на традиционалните медиуми продолжува да опаѓа, а најголем пад од 49 проценти бележи американската ТВ мрежа CBS, додека, од друга страна, мерките за спречување на корона вирусот, ја зголемија популарноста на стриминг услугите, според извештајот на Brand Finance.
Поради пандемијата на “Ковид-19“, меѓу 10-те брендови со најбрз пад на вредноста, дури шест се од авијацискиот и воздухопловниот сектор, а поради мерките за ограничување на патувањето и затворањето на угостителските објекти, тонат и брендовите од туризмот и угостителството. Хотелите Marriott и туристичката платформа Airbnb отпаднаа од рангирањето, а Starbucks, McDonalds и KFC забележаа пад на вредноста на брендот.
Интересно е и да се напомене дека WeChat го надмина Ferrari според вредноста на брендот, со 95,4 поени од можни 100 и рејтинг ААА +, се наведува во извештајот.