Во неделата кога го одбележуваме денот на жените, маркетинг агенцијата Brand Union лансираше кампања против родово базирано насилство за клиентите The Kvinna till Kvinna Foundation и Коалиција Маргини во соработка со КХАМ Делчево и Организација на жените на општина Свети Николе. Кампањата е организирана во рамките на проектот „Пристап до правда за маргинализираните заедници“ финансиран од Европска Унија и ко-финансиран од Шведска.
Целта на кампањата е да информира за можноста за бесплатна психо-социјална и правна помош наменета за жртвите на родово базирано насилство, со посебен фокус на жените од Делчево и Свети Николе.
„Во истражувањето за кампањата се соочивме со неколку нивоа на предизвици кога станува збор за родово базирано насилство во Македонија. Покрај бавната (или несоодветна) реакција на дел од институциите кои будат недовреба кај жртвите, како голем проблем се јави срамот од јавна осуда, па дури и признавање пред најблиските, како и стравот дека доколу насилникот се пријави и дознае за тоа, следуваат уште потешки последици.
Со кампањата се обидовме да ги таргетираме токму овие проблеми – да укажеме дека излезот не е во прикривањето и постои опција за помош. Активно работат организации кои се отворени и подготвени да помогнат и да понудат сигурност, а наша цел за кампањата е да го направиме пристапот до нив што поедноставен, вели Ива Дујак, COO и партнер во Brand Union.
Носечката порака ТУКА СМЕ ЗА ТЕБЕ ја продолжува веќе воспоставената комуникација на организациите кои втора година по ред развиваат активни кампањи за овозможување на психо-социјална и правна помош. Со цел да им се овозможи што поголема безбедност на жртвите, креиран е и веб сајтот www.tukasmezatebe.mk преку кој може да се дознае повеќе за организациите кои нудат помош и да се стапи во контакт со нив.
„За потребите на кампањата покрај стандардниот начин на комуникација со организациите – преку телефонските броеви и социјалните мрежи, го креиравме www.tukasmezatebe.mk имајќи во предвид дека стравот оди до тоа ниво да жртвите се плашат со сопствениот профил да пишат на социјални мрежи или да се јават од сопствениот број.
На сајтот, жртвите комплетно анонимно можат да закажат термин за советување или телефонски разговор со стручните лица од организациите, без да се ставаат во дополнителен ризик,“ вели Бојана Завкова, акаунт менаџер и одговорна за проектот во Brand Union.
Во склоп на кампањата се спроведуваат и серија на телевизиски интервјуа со претставници од организациите, како и едукативни и информативни настани и промоции во Делчево и Свети Николе, со цел да се опфати што е можно поголем дел од локалното население. Во пресрет излегоа и дел од локалните маркети, кои во своите потрошувачки кошнички се согласија да постават флаери со повеќе информации за кампањата.
Доколку сакате и вие да се приклучите во акцијата, споделете го видеото со повеќе информации: https://www.youtube.com/watch?v=fEks-AtTIgM или веб сајтот: www.tukasmezatebe.mk