Државата Бразил го претстави својот нов визуелен бренд идентитет преку кој ќе ја промовира сопствената култура и ќе се обиде да ги привлекува странските туристи.
Визуелниот идентитет е изграден околу новото лого кое во суштина претставува комбинација на неколку различно обоени и неправилни геометриски форми, во чиј што пресек стои името BRASIL.
Шарениот пристап треба да го симболизира природниот диверзитет и мултикултурниот карактер на нацијата. Па така, зелената боја би требало да ја доловува бујната природа на Бразил, додека жолтата го претставува сонцето и радоста на луѓето. Црвената боја е симбол на топлината и живоста на заедницата, а сината потсетува на морските води и светлото небо. Шаренилото е хармонизирани во белата боја на текстот, претставувајќи ја духовноста на Бразил.
Слоганот на кампањата е доста необичен: “We are Brasil, spelled with an S” („Ние сме Брасил, напишано со С“). На тој начин, националниот бренд го отфрла интернационалното спелување со “З” и го истакнува името на државата како што тоа се пишува според официјалниот португалски јазик на Бразилците. Всушност, новиот национален бренд на Бразил во преден план го става „националното“ наспроти „интернационалното“.
Ребрендирањето настана како резултат на јавен конкурс објавен од Бразилска асоцијација за графички дизајн, на кој победи дизајнерот Кико Фаркас од компанијата Máquina Stúdio со концептот кој што беше претставен.