Бразилскиот производител на козметика Natura најави аквизација на британски Avon, отворајќи го патот за создавање на глобален козметички гигант со директен пристап до потрошувачите.
Според понудата на Natura, објавена во средата, Avon вреди 3,7 милијарди долари. Вредноста на консолидираната компанија ќе изнесува околу 11 милијарди долари, се вели во соопштението.
Компанијата настаната со спојување на Avon и Nature ќе има повеќе од 6,3 милиони консултанти и аквизитери и 3.200 продавници во 100 земји.
Со купување британската компанија со долга традиција од 133 години, бразилскиот козметички гигант, најпознат во Латинска Америка, ќе го прошири својот глобален дострел. Во негова сопственост се австралискиот Aesop, како и Body Shop, која претходно беше во составот на групацијата L’Oreal.
Компанијата Avon е основана во 1886 година во САД и беше пионер во продажбата на козметика од врата до врата. Во последно време настојуваат да ја модернизираат продажбата, бидејќи продажбата од врата до врата наиде на криза во време кога цвета продажбата преку интернет.
Во 2016 година тие одлучија да го преселат седиштето од Њујорк во Велика Британија и да укинат 2.500 работни места во светот, како дел од програмата за темелно реструктуирање. Тие, исто така, ја продадоа американската подружница во инвестицискиот фонд “Церберус”.
Аналитичарите веруваат дека со најновата аквизиција Natura гради статус на глобален бренд, предупредувајќи дека ќе мора да инвестираат значително во работењето на Авон во Бразил.