Од сите филмови продуцирани низ целиот свет во текот на една година, стотици и стотици, еден македонски успеа да се пласира меѓу најдобрите кои што добија номинација за оскар, рамо до рамо со мулти милионски проекти создадени од врвните продукции, режисери и филмски имиња. Две номинации, во две категории.
Wow, ова е реченица која никогаш порано не сме имале прилика да ја напишеме и прочитаме и ќе остане како врежан факт што секогаш ќе ни буди посебни, убави чувства на сите кои живееме во Македонија. Успехот е целосно за тимот на Медена Земја (Honeyland) и главната протагонистка, кои успеаја да создадат дело што ќе емитува универзална комуникација секаде каде што ќе се прикажува, секој да го доживува на свој начин и во свој контекст. Дефиниција за светско дело! Без разлика што филмот не беше награден со Оскар, испиша посебна историја и направи посебна провокација за сите што создаваат нешто во нашата земја да не се задоволуваат со локален успех, туку да целат највисоко, на самиот врв, светски врв….. и покажаа дека тоа е реалност. Го покажале и креативците во адвертајзинг индустријата кои успевале да освојат маркетиншки “оскари” на врвните светски фестивали, го покажале некои и од спортистите кои се закитили се најважните спортски награди во нивната конкуренција и секојдневно го покажуваат многу бизнис професионалци кои доаѓаат од Македонија, а “играат” на светската сцена. Сега ни го покажаа и домашните филмаџии и создадоа бренд кој треба да инспирира и да ја промовира нашата земја.
Брендот Honeyland секако дека е во сопственост на продукцијата на филмот и таа веројатно има идеи како дополнително да го комерцијализира, но што е тоа што можеме ние да направиме за целосно да го искористиме во насока на промоција на нашата земја?
Дали сега е вистинско време за создавање на комерцијален, голем масовен институт за проучување на пчелите и медот, кој на своето лансирање би ги поканил сите светски филмски звезди и работници? Дали треба на Атиџе да и обезбедиме апаратура и ресурси да продолжи да го работи тоа што го сака и да менторира луѓе што би сакале да научат повеќе за процесот? Или тегла со мед од Македонија треба да добијат сите светски медиуми?
Дали треба да го унифицираме целосното производство на мед под брендот “Macedonian Land of Honey“?
Дали реонот каде што се снимаше филмот може да се брендира како туристичка дестинација каде ќе може да доаѓаат туристи, да видат од прва рака каде се создаваше Медена Земја и како навистина изгледа околината? Дали животот на Атиџе заслужува книга која ќе ги врежи засекогаш нејзините погледи и совети за светот? Или треба можеби да подржиме организација и создавање на нов фестивал на документарниот филм? Или на еден ден да го смениме симболично името на градот во Honeyland :) ? Или засекогаш така да “преименуваме” некое место кое е познато по производство на пчели?
Дали треба да издадеме посебна серија на поштенска марка со ликот на Атиџе/ Македонски мед? Дали нашите Амбасадори ширум светот треба да организираат заедничко гледање на филмот, каде би ги поканиле сите останати официјални лица во земјата каде престојуваат? Дали Македонија треба да создаде фонд кој би ги поддржувал сите жени што се занимаваат со пчеларство од целиот свет, платформа на која тие ќе се пријавуваат и преку која ќе споделуваат за медот што го произведуваат? Ајде да бидеме храбри и “да ставиме рака” на пчеларството, во целиот свет, како гранка која ќе биде симбол за Македонија? Да создадеме памфлет во кој ќе го научиме светот како се создава мед и тој ќе го испечатиме во милионски тиражи што ќе ги дистрибуираме во целиот свет! Ако Honeyland е меѓу најпребаруваните зборови на Google, ајде тоа да го искористиме и да направиме AdWords кампања која преку тие клучни зборови ќе ги промовира македонските места што се “мед и млеко”.
Идеите се многубројни. Сигурно и во Агенцијата за туризам пред сите други имаат идеја како да го валоризираат успехот на филмот за брендот Македонија, а тоа да не биде во конфликт со правата кои продукциската куќа ги поседува. Во нив треба да се инвестира и да не се пропушти оваа шанса која се појави сега и којзнае кога пак!
Автор: Борис Ефтимовски