Туристичкото биро на Велика Британија, VisitBritain, лансираше нова кампања со која бара од потенцијалните посетители да дојдат и да ги видат работите малку поразлично – каков што е и насловот на кампањата “Come See Things Differently”.
Имено, кампањата посочува дека Велика Британија не е само стереотипот за „големи автобуси, Биг Бен и многу многу мнооооогу чај“, туку тоа е исто така одлична дестинација за сурфање, улична уметност, музички фестивали, па дури и трагање по митски чудовишта!
Кампањата е проткана со препознатливиот британски хумор, а насочена кон пазарите на Соединетите Американски Држави, Канада, Франција, Германија и Шпанија – всушност државите од каде што доаѓаат најмногу туристи во Британија.
Но, секако чајот не може да се исфрли целосно, па така на промотивните штандови на VisitBritain ќе се нудат специјални вкусови на чаеви создадени токму за оваа кампања во соработка со британскиот бренд Tregothnan.
Покрај хумористичните спотови и штандовите, кампањата исто така ќе вклучува брендирани содржини на социјалните мрежи и секако – надоврешни принт и дигитални билборди на фреквентни локации во таргетираните држави.