Заедно со изложбата на дела од јапонскиот уметник Катсушика Хокусаи (1760-1849), Британскиот музеј ќе лансира и своја серија на NFT (non-fungible tokens/незаменливи токени) од делата на уметникот.
Проектот ќе биде реализиран со помош на францускиот стартап ArtConnection, чија цел е да го премости јазот помеѓу традиционалните музејски институции и модерната дигитална ера.
Оригиналната идеја на стартапот била дека незаменливите токени ќе им помогнат на музеите да ги покријат финансиските загуби настанати поради пандемијата, но во случајот на Британскиот музеј, интересот бил поголем за идејата да се примени во насока на привлекување на помладата публика.
Како и вообичаено со незаменливите токени, поексклузивните содржини доаѓаат во повисока цена. Притоа, како дел од колекцијата ќе бидат лансирани само два токени за „Големиот бран“, најпознатото дело на Хокусаи, додека пак други понепознати дела ќе бидат понудени во бројка од 1,000 до 10,000 примероци.
Останува да видиме дали музејот ќе ја оствари својата цел да го сврти вниманието на помладите и дали овој тренд на незаменливи токени ќе почнат да го следат и другите музеи низ светот.