Бајадера е еден од најпрепознатливите хрватски производи. Се појави во 1954 година и оттогаш е еден од најконстантните брендови на Kraš и сите овие години остана во рамките на оригиналниот рецепт и континуираниот квалитет. Во пресрет на својот седумдесетти роденден, задачата на креативната агенција Bruketa&Žinić&Grey беше да го модернизира пакувањето на „кралицата на полнетите чоколади“.
Претходно спроведеното истражување покажало дека потрошувачите ја доживуваат Бајадера како подарок, ја поврзуваат со посебни пригоди и прослави и ја гледаат како „класичен“ и традиционален, препознатлив производ. Бајадера моментално ужива некаков облик на „стравопочит“, бидејќи е поврзана со формалности, церемонии и посебни пригоди, а не со опуштено задоволство, што е посакуваното позиционирање.
Редизајнот требаше да биде направен на суптилен и ненаметлив начин, со цел производот да го задржи високото ниво на препознатливост на полиците во маркетите. Кажано со дизајнерски речник, редизајнот беше осмислен како еволуција, а не како револуција. Затоа, задржува некои препознатливи елементи, но и усовршува некои од нив со цел попристапен и модерен впечаток.
Па така, специфичните радијални линии, кои се поврзани со линиите во пресекот на самите чоколади, сега се поедноставени во помодерни дијагонали кои продолжуваат да го диференцираат производот на полиците. Орнаменталноста на оваа линеарна решетка воедно асоцира и на украсната хартија што се користи за завиткување подароци. Со новиот, попристапен дизајн, завиткувањето на Бајадера како подарок повеќе не е потребно, без разлика дали подарокот е наменет за други или кога сакаме да си го подариме врвното чоколадно искуство. Дополнително, на овој начин линиите асоцираат на украсни ленти т.е. панделки по кои оваа „кралица на полнетите чокалади“, а и секој што ќе ја проба, добива своевиден кралски третман.
Во средината на капакот стои интерпретација на налепница која често се додава на завитканите подароци, а со тоа дизајнот дури и малку кокетира со занаетчиските решенија на домашните амбалажи. На „лепенката“ има подинамичен приказ на чоколадите – и тоа не едно, туку две, бидејќи едно речиси никогаш не е доволно. :)
Боите и текстурите користени во редизајнот на изглед се чинат исти како порано, но и тие претрпеа трансформација. Кога ќе погледнете малку повнимателно и ќе го споредите со стариот дизајн, окерната боја на линиите сега наликува на природната текстура на кремот од бадем и лешник што го исполнува центарот на чоколадите. Кафеавата боја на линијата, која ги претставува долните и горните чоколадни слоеви, има ефект на кадифен сјај, а златната боја во логото доби попрефинет „шампањ златен“ тон.
И со отворање на кутијата, можеме да ги видиме ефектите од редизајнот. Споменатиот посебен тон на златна боја се рефлектира на хартиите со кои се обвиткани сите поединечни чоколади, додека нивниот украсен омот е дизајниран така што дијагоналните линии визуелно ги поврзуваат сите чоколади во кутијата. Техниките на печатење кои се искористени при изработката на амбалажата, како што се drip-off лак, релјефно печатење во 3 нивоа, фолиопечат и други, придонесуваат за премиум изгледот што го заслужува „кралицата“.
„За нас беше чест повторно да го редизајнираме пакувањето на Бајадера, односно да го редизајнираме нашиот претходен дизајн од 2010 година. Бајадера е важен хрватски бренд, го претставува самиот врв на индустриското производство на чоколадни деликатеси, иако има значителна рачна работа во речиси секој чекор од производството“ – објаснува Никола Жиниќ, главен креативен директор во агенцијата Bruketa&Žinić&Grey.
„Дизајнерскиот пристап беше исполнет со почит спрема традицијата и значењето на овој бренд, како и одредени ограничувања кои исто така требаше да се почитуваат. Имено, Бајадера има големо производство во Хрватска и се дистрибуира низ целиот свет, во повеќе од 30 земји, па од аспект на производството неопходни беа бројни компромиси. Се радуваме и на иднината, во која ќе уживаме во нашите омилени Бајадери, вадејќи ги од пакување кое не само што ќе може да се рециклира, туку и ќе биде целосно еколошки“ – додава Андреа Кнапиќ, арт директорка во Bruketa&Žinić&Grey.
„Бајадера е бренд кој го симболизира самиот Kraš. Имајќи ја предвид неговата препознатливост и репутација кај потрошувачите, на редизајнот му пристапивме со посебно внимание. Навистина мислам дека тимот од прекрасни и креативни луѓе од агенцијата Bruketa&Žinić&Grey заврши одлична работа и им благодарам за тоа. Нашата неодоливо добра Бајадера е обвиткана во префинет и современ, препознатлив и смел дизајн кој ги повикува сите да ја отворат, одвиткаат и да уживаат во неа. Верувам дека редизајнираната Бајадера претставува задоволство за сите сетила на потрошувачите кои едноставно не можат да чекаат“ – потенцира Никша Фарац, директор на маркетинг одделот на Kraš.
ЗАСЛУГИ
KRAŠ
Член на надзорен одбор: Невена Пивац
Директор за маркетинг: Никша Фарац
Виш бренд менаџер: Маја Крзнариќ
Виш бренд менаџер: Ивана Гело
Графички инженер: Иван Штимац
Графички инженер: Сања Бабиќ
Раководител на одделот за развој на амбалажа: Ива Ќуриќ
Асистент на одделот за развој на амбалажа: Мира Михалиќ
BRUKETA&ŽINIĆ&GREY
Арт директор: Андреа Кнапиќ
Креативен директор: Никола Жиниќ
Директор на проектот: Маша Иванов
Стратешки планер: Ана Крстиќ
Помлад арт директор: Ива Пемпер
Менаџер на продукција: Весна Ѓурашин
Тим лидер на DTP: Радован Радичевиќ
Оператор на DTP: Жељка Трочак
Партнери
Фотограф на чоколадите: Младен Шариќ
Печатење: Tiskara Lana
Принт продукција: Kaligraf
Фотограф на амбалажа: Домагој Куниќ