Што е посрамно од слика во полициско досие? Во полициското досие да имате слика облечени во смешен костим од „Ноќта на вештерките“.
Пивскиот бренд Budweiser и агенцијата David Miami создадоа нова празнична кампања со која ги потсетуваат луѓето да не претеруваат со алкохолот. Кампањата искористува вистински фотографии од луѓе во костими кои биле уапсени на „Ноќта на вештерките“ поради неодговорно однесување предизвикано од прекумерена консумација на алкохол. Од брендот се надеваат дека овие слики, заедно со пораката „Не дозволувајте Ноќта на вештерките да Ве прогонува засекогаш“, ќе ги потсети луѓето да не претеруваат за време на празникот.
„Ноќта на вештерките е можност да се избега од реалноста преку маскирање во костим за една ноќ. Меѓутоа, некои луѓе можат да претераат и да заборават да пијат одговорно. Затоа соработувавме со вистински луѓе кои биле уапсени на Ноќта на вештерките со цел да ги потсетиме останатите да пијат умерено и да се однесуваат одговорно. Пораката на Budweiser е јасна: Не дозволувајте Ноќта на вештерките да Ве прогонува засекогаш. Хидрирајте се помеѓу шишиња Bud и пијте помалку,“ истакнува Моника Русги, потпретседател за маркетинг на Budweiser.
Кампањата ќе се реализира на социјалните медиуми и преку дигитални out-of-home реклами во Њујорк, Филаделфија и Чикаго. Оние кои го следат официјалниот Budwesier профил на Твитер и овозможиле добивање на нотификации, во текот на Ноќта на вештерките ќе добиваат редовни потсетувања да пијат одговорно и редовно да се хидрираат.
Во некои градови, Budweiser исто така подарува ваучери во вредност од 5 долари за превоз до дома со Lyft за сите оние кои во периодот помеѓу 21 октомври и 1 ноември купиле Budweiser преку онлајн платформата за продажба на алкохол Drizly.