Низ текот на годините, Пивскиот бренд Budweiser ни ги има дадено некои од највпечатливите реклами кои некогаш биле емитувани за време на Super Bowl. Меѓутоа, за прв пат после 37 години, Budweiser се откажа од телевизиско огласување за време на овогодинешниот Super Bowl LV.
Со ваквата одлука, пивскиот бренд се приклучува кон други големи компании како Coca-Cola, Pepsi и Hyundai, кои исто така решија да паузираат оваа година. Сепак, Budweiser планира да емитува 90-секундна реклама за време на Super Bowl на своите дигитални платформи.
Од Budweiser посочуваат дека наместо да плаќаат пари за телевизиска реклама на Super Bowl, планираат да „реалоцираат средства за медиумско вложување“ со цел подигнување на јавната свест за вакцинацијата против Ковид-19.
„Како и сите други, така и ние со нетрпение очекуваме луѓето повторно да се дружат заедно, да се отворат рестораните и баровите и сите да можат да се собираат и наздравуваат со своите пријатели и членови на семејството. Со цел да се постигне ова и да се вратат потрошувачите во маалските барови и ресторани кои беа особено погодени од пандемијата, ние се вклучуваме да дадеме поддршка на свеста за вакцината против Ковид-19,“ истакнува Моника Рустги, потпретседател за маркетинг на Budweiser.
Колку оваа поддршка ќе чини не беше прецизирано, но беше наведено дека тоа ќе биде „мулти-милионска посветеност.“
Што се однесува до Super Bowl, според одредени информации, 30-секунден спот за време на овогодишното издание чини околу 5,5 милиони долари.