Burberry не е единствената модна куќа која мора да се справува со вишокот на луксузни производи. Ричмонт, сопственик на брендовите Cartier и Montblanc, мораше да ги откупи своите рачни часовници во вредност од 430 милиони фунти
Британската модна куќа Burberry, минатата година уништи непродадена облека, модни додатоци и парфеми во вредност од 28,6 милиони фунти со цел да го заштити својот бренд.
Вкупната вредност на уништените производи на Burberry во текот на изминатите пет години се искачи на повеќе од 90 милиони фунти.
Уништувањето на производите се врши исклучиво за да се заштити модната куќа од кражба или продажба со пониска вредност.
”Во текот на изминатите неколку години, Burberry се обидува повторно да го направи својот бренд ексклузивен, после периодот во кој фалсификаторите “го лепеа логото на Burberry на сè што ќе стигнат”, вели Марија Мелоун, професор на Универзитетот во Манчестер. Таа додава дека уништувањето на производите е нормално во светот на модата.
Burberry не е единствената модна куќа која мора да се справува со вишокот на луксузни производи. Ричмонт, сопственик на брендовите Cartier и Montblanc, мораше да ги откупи своите рачни часовници во вредност од 430 милиони фунти.
Активистите за животна средина луто реагираа на овие вести. ”И покрај високите цени на производите, Burberry не покажува почит ниту спрема нив, ниту спрема тешката работа и ресурсите кои се потребни за нивно производство“, вели Лу Јен Ролоф од Гринпис.
“Трупањето на залихите укажува на прекумерно производство и наместо да го намалат производството, тие горат совршено добра облека и производи”, додава Ролоф. “Ова е валкана тајна на модната индустрија. Burberry е само врвот на ледениот брег”, заклучува активистката.