Ривалството на двата најголеми светски брендови за брза храна, McDonald’s и Burger King, досега ни има дадено еден куп забавни кампањи и практични шеги кои успеале да нé насмеат и да го предизвикаат нашето внимание. Истото се случи и овој пат, со новата промотивна акција на Burger King во Хелсинки, која траеше од 29 јуни до 1 јули.
Имено, главниот град на Финска е преполн со ресторани на McDonald’s – ги има далеку повеќе од оние на Burger King – но тоа не ги обесхрабри креативните луѓе на „Кралот на бургерите“. Напротив, тие решија да ја искористат бројната предност на ривалот во своја полза, така што ги претворија рестораните на McDonald’s во места за бесплатна достава на оброци од Burger King.
„Скоро секој реон на Хелсинки има ресторан на McDonald’s. За жал, Burger King не е толку чест. Ние сочувствуваме со жителите на овој град кои тешко доаѓаат до Whopper. Ние знаеме какво е чувството на копнеж по вкусот на нашиот сочест хамбургер испечен на вистински пламен. Но, за нивна среќа, постои лесно решение“, истакна Кајса Касила, бренд-менаџер на Burger King за Финска.
Со оваа кампања, доколку фановите на Burger King сакаа до добијат бесплатна достава на своите нарачки, тие едноставно требаа да „тркнат“ до најблискиот McDonald’s ресторан, да ја најдат поставената outdoor реклама на Burger King во непосредна близина и да почекаат додека пристигне нивната нарачка. Промотивна акција беше остварена со помош на сервисот за достава Wolt.