Брендовите за брза храна почнаа сé повеќе да додаваат вегетаријански оброци кон своето мени, а Burger King беше меѓу првите со лансирањето на сендвичот Impossible Whopper со „алтернативно месо“ од растително потекло. Сега, брендот го отвори и својот прв ресторан кој ќе биде 100% вегетаријански.
Се работи за локал во шпанскиот главен град Мадрид, каде фановите ќе може да бидат послужени со вегетаријанскиот Whopper, со nuggets од растително потекло, или пак со новиот сендвич Long Vegetal кој доаѓа како алтернатива на Long Chicken Sandwich.
Треба да се напомене дека дел од оброците сепак ќе содржат животински производи како кашкавал и мајонез, но потрошувачите може да побараат тие да не бидат вклучени во нивната нарачка.
Ресторанот е препознатлив по својата зелена фасада и внатрешност декорирана со растенија и слики од вегетаријански оброци.
Локалот е првично планирано да биде отворен еден месец, а доколку се покаже во добро светло – концептот ќе биде продолжен и проширен во повеќе европски градови во следните неколку месеци.