Во ерата на интернетот, се чини дека ниту еден аспект на животот не остана имун на теоретичарите на заговори, вклучително и брзата храна. Следејќи ги дискусиите на интернет форумот Reddit, тимот на Burger King наишол и на конспиративни теории поврзани со нивниот главен производ – хамбургерот Whopper.
Инспирирани од ваквите теории, Burger King лансираше нова хумористична кампања за британскиот пазар во која се исмева со неинформираноста на теоретичарите на заговори. Кампањата ќе биде составена од серија на кратки видео-реклами во кои се „обработуваат“ различни теории на заговор поврзани со производите на брендот.
Во прво-лансираната реклама, гледаме жена која во вистински стил на „Чекај јас да ти кажам“-теоретичар на заговори, на својот пријател му раскажува како специфичниот вкус на скарата на Burger King и сендвичот Whopper се добива со помош на „таен, течен чад, кој тие го нарачуваат од интернет преку компјутер и секое утро плескавиците ги натопуваат со тој таквиот течен чад.“
На крајот од рекламата, од Burger King истакнуваат дека „Не се работи за никаква тајна, туку за вистински оган.“
Како дел од кампањата е лансиран и специјален Инстаграм филтер на изменета реалност. Кога случајните минувачи со својот паметен телефон ќе го скенираат QR-кодот на новите out-of-home реклами на Burger King, на екранот ќе им се појави виртуелен чад кој ги насочува кон најблискиот ресторан на брендот.
Кампањата е создадена со помош на креативната агенција BBH London и продукциската куќа Make Me Pulse.