Заглавени сте во сообраќаен метеж кој ви се чини дека нема крај. Гледате реклама која ви нуди достава на вкусен хамбургер директно до вашиот автомобил. Дали ќе паднете во искушение?
Од Бургер Кинг сметаат дека одговорот е да, па идејата за достава на хамбургери со мотоцикл до автомобили заглавени во сообраќаен метеж ја сфатија сериозно и почнаа да ја тестираат во Мексико Сити.
Кампањата, насловена „Traffic Jam Whopper“, е дело на агенцијата We Believers и ја комбинира современата технологија со старомодниот опортунизам. Според резултатите од првата недела на тестирањето, забележан е раст од дури 63% во нарачките за достава и 44 пати повеќе симнувања на мобилната апликација на Бургер Кинг.
Промоцијата се комуницира преку дигитални outdoor реклами и мобилни реклами во сообраќајни апликации како Waze, а нарачките се прават преку мобилната апликација на Бургер Кинг. Динамични реклами покрај патиштата им овозможуваат на возачите да добиваат информации во реално време уште колку долго може да останат заглавени во сообраќајот и кога да ја очекуваат доставата.
Од Бургер Кинг известуваат дека имаат намера да ја прошират опцијата и во други големи светски градови кои имаат проблем со сообраќајниот метеж, како Лос Анџелес, Сао Паоло и Шангај.