Карантинот во Чиле трае повеќе од четири месеци и сега-засега нема никакви најави за негово „олабавување“. Бизнисите, вклучувајќи ги и рестораните, сé уште се затворени. Меѓутоа, тоа не ги обесхрабрува Burger King да бараат иновативни решенија за да го промовираат својот бренд и во услови на пандемија.
Гигантот за брза храна се здружи со “Wena Los Cauro”, група на чилеански јутјубери и модификувачи на видео-игри, кои создадоа прецизен модел на ресторан на Burger King во рамки на модификувана верзија на класичната видео-игра GTA San Andreas.
Брендот ги повикува фановите да го посетат нивниот новоотворен виртуелен ресторан, да направат слики и потоа да ги објават на Instagram, со можност да добијат бесплатен Whopper во вистинскиот свет.
Адвертајзинг агенцијата која стои позади кампањата е Wolf BCPP од Чиле.