Белгискиот кралски двор е вознемирен од рекламата на американската компанија Burger King која пред доаѓањето на белгискиот пазар во рекламата на интернет страната, им го поставува прашањето на Белгијците, кој е вистински крал „Бургер“ или „Филип“?
Компанијата Burger King во јуни ќе ја отвори првата продавница во Белгија, а со несекојдневниот маркетиншки трик веќе стигна на насловните страници во белгиските медиуми.
Интересно е тоа што корисниците на интернет којшто одговориле дека вистинскиот крал е „Бургер“ добиле честитки, а оние кои се одлучиле за “Филип“ добиваат потпрашање „Дали сте сигурни, нема тој да ви подготви помфрит?“ и на крајот им останува една опција да одговорат дека „не се сигурни“.
Портпаролот на белгиската кралска палата Пјер Емануел Де Бо, изјави дека компанијата Burger King не ги побарала неопходните дозволи за користење на името и фотографиите на кралот Филип за рекламата.
„Не го одобруваме таквиот потег, а не би го одобриле ниту да беше побарана дозвола бидејќи се работи за реклама со цел стекнување на добивка“ изјави Де Бо.
Белгиската новинска агенција BELGA јавува дека кралската палата наскоро ќе стапи во контакт и ќе бара објаснување од управата на американската компанија.