Суштинската сладост и кадифената текстура на млечните чоколади Cadbury со себе носат една доза на носталгија која фановите ги враќа во нивното детство. Брендот сака намерно да го предизвика ова чувство, па со таа цел реши да создаде и „звучно лого“.
Cadbury се здружи со соничната брендинг агенција DLMDD за да го издигне својот визуелен идентитет на едно мултисензорно ниво, а агенцијата го познаваше вистинскиот човек за задачата: филмскиот композитор Гај Фарли.
Композиторот добил задача да смисли звучна репродукција на емоции врзани за Cadbury и нивниот слоган „Во секој има по една чаша и пол“. Композиторот добил и текстуален бриф за идејата на нарачателот, а кога го прочитал, имало два збора кои веднаш му го зграпчиле вниманието: „доаѓање дома“.
Таа фраза била доволна за да му го даде на Фарли потребниот музички поттик. Штом легнал на кревет, во главата му одѕвонил некаков „де ла дум“ од три ноти. Следното утро, Фарли седнал на своето уникатно Steinway пијано од 1895 година и експериментирал со секакви долги и кратки џинглови. Тој испробал и различни инструменти, како маримба и синтисајзери од 80-тите, но од самиот почеток знаел дека старото пијано е вистинскиот избор.
„Cadbury е омиленото чоколадо во светот, а пијаното е омилениот инструмент на светот. Уште првиот пат кога слушнавме како звукот на Cadbury одекнува од познатото Steinway пијано на Гај, се чувствувавме како да го познаваме цел живот“ – посочува Лиз Харман, креативен консултант за музика во DLMDD.
Звучното лого на Cadbury веќе почна да се користи во новите кампањи за британскиот и австралискиот пазар и може да се слушне на крајот од нивните рекламни спотови: