Организацијата на Меѓународниот адвертајзинг фестивал Cannes Lions соопшти дека овогодишното издание сепак ќе се одржи само виртуелно, повлекувајќи се од претходната намера тоа да се одржи во живо или во комбиниран хибриден формат.
Во соопштението на Lions стои дека настанот во Кан, Франција, нема да се одржи оваа година, туку ќе се одвива онлајн помеѓу 21 и 25 јуни. Одлуката доаѓа скоро една година по откажувањето на минатогодишното издание поради пандемијата на корона вирусот.
Претходно во јануари, организацијата на фестивалот оптимистички го најави овогодишното издане во живо, меѓутоа оттогаш пристапот им стана повнимателен, движејќи се повеќе во насока на хибриден модел со физичко присуство и дополнителни дигитални содржини. Сепак, на крајот остана само онлајн форматот.
По повод новата промена, претседателот на Cannes Lions, Филип Томас, изјави: „Во текот на изминатата година се консултиравме со нашите клиенти и работевме на нашите планови, вклучувајќи го развојот на Cannes Lions Live како дел од новата платформа Lions Membership. Сега сме во можност целосно да преминеме на таков формат за изданието во 2021 – кое ќе ја има целата прослава, инспирација и учество препознатливи за Cannes Lions – да ја обедини глобалната заедница виртуелно за време на Cannes Lions Live овој јуни“.
Cannes Lions Live ќе вклучува содржини и искуства по барање на гледачите (on-demand), како и прослава на добитниците на кански „лавчиња“. Пристапот до настанот ќе бид вклучен во рамки на платформата Lions Membership, која ќе биде лансирана во мај. Годишното членество ќе изнесува 249 евра, со пониски цени за луѓето под 30 години.