Меѓународниот фестивал на креативноста Cannes Lions потврди дека, по консултација со пријавената агенција DM9, е повлечена Grand Prix наградата во категоријата „Creative Data Lions“ за проектот „Efficient Way to Pay“ за клиентот Consul. Повлекувањето следува откако беше откриено дека во презентациското видео биле користени содржини генерирани и манипулирани со вештачка интелигенција, со цел симулирање на реални настани и резултати од кампањата, што доведе до тоа жирито да биде доведено во заблуда при оценувањето.
Ова претставува прекршување на правилата на Cannes Lions за вистинито прикажување на фактите и ја нарушува довербата што жирито и пошироката заедница ја имаат во пријавените проекти. Cannes Lions постои за да слави креативност која е автентична, веродостојна и одговорна.
По темелна истрага и преглед, спроведени во консултација со засегнатите страни и независните ревизори на Cannes Lions, беше заклучено дека единствена соодветна мерка е повлекување на пријавената кампања од фестивалот, со што се повлекуваат и наградата и сите поврзани признанија.
Како дополнителна мерка, и по внатрешен преглед, агенцијата DM9 самостојно одлучи да ги повлече и апликациите за кампањите „Plastic Blood“ за OKA Biotech и „Gold = Death“ за Urihi Yanomami. Сите страни се согласуваат дека нивото на легитимност не го исполнува потребниот стандард. Како резултат, сите награди ќе бидат повлечени.
Гледајќи кон иднината, Cannes Lions ќе воведе засилени мерки за да обезбеди дека наградите остануваат кредибилни во ерата на синтетичка содржина, медиуми и генеративна вештачка интелигенција. Овие мерки вклучуваат:
Посветеност
Подобрениот Кодекс на однесување кој ќе мора да го потпишат сите организации што учествуваат на фестивалот.
Транспарентност
Задолжително обелоденување за користењето вештачка интелигенција како дел од процесот на пријава; нетранспарентноста ќе биде основа за дисквалификација или повлекување.
Детекција
Може да се користат алатки за откривање манипулирана содржина и материјали во апликациите.
Одлучување
Формирање на посебна ревизорска комисија составен од експерти за вештачка интелигенција, етика и интегритет на содржини.
Овие мерки ќе бидат поддржани со формални процедури и определени протоколи за постапување, вклучувајќи можни дисквалификации, јавно обелоденување или повлекување на награди, доколку биде потребно.
Новите и засилени мерки ја потврдуваат заложбата на фестивалот Cannes Lions да наградува креативни проекти што ги почитуваат највисоките стандарди на вистинитост, правичност, транспарентност и креативна извонредност.