Меѓународниот фестивал за креативноста Cannes Lions објави дека ќе го прогласи претседателот и генерален извршен директор на Mattel, Инон Крајз, за „Личност на годината“ во забавната индустрија. Како признание за виталната улога што забавната индустрија ја има во маркетингот и комуникациите, оваа награда ја слави креативноста што ги инспирира другите да продуцираат навистина привлечни, значајни и забавни содржини.
Инон Крајз раководи со повеќегодишна стратегија за трансформација која го воспостави Mattel како компанија за играчки со високи перформанси. Под негово водство, Mattel Films го најави снимањето на 16 играни филмови во партнерство со големи продукциски студија. Нивниот прв филм „Barbie“ стана културен феномен, постигнувајќи го најголемиот светски бокс-офис во 2023 година, со што стана и 14-ти филм со најголема заработка на сите времиња. Филмот за Барби беше номиниран за осум награди Оскар, вклучително и за најдобар филм, а доби Оскар за најдобра оригинална песна.
Mattel има растечка понуда во сферата на телевизијата, производите за широка потрошувачка, дигиталните игри, настаните и искуствата во живо, издаваштвото и музиката. Според Circana, во 2023 година Mattel била број 1 компанија за играчки во САД веќе 30-та година по ред, постигнувајќи го својот најголем пазарен удел во САД досега.
„Среќни сме што му оддаваме чест на Инон и им оддаваме признание на Mattel за нивната континуирана посветеност на креативноста во забавата. Силното лидерство на Mattel доведе до тоа да стане иновативна глобална компанија за играчки и семејна забава. Со отклучување на потенцијалот на своите основни средства и интелектуалната сопственост, Mattel ја зајакна релевантноста на компанијата и привлечноста на нејзиното иконично глобално портфолио. Преку Barbie особено, Инон го отвори патот на брендот за проширување на неговата културна резонанца и комерцијален успех“ – истакна Сајмон Кук, извршен директор на LIONS.
„Во својата основа, Mattel е креативна компанија поттикната од иновациите и водена од нашата цел на постоење. Водени сме од знаењето дека луѓето кои ги купуваат нашите производи се повеќе од потрошувачи, тие се обожаватели со емотивна поврзаност со нашите брендови. Неверојатна чест е да се биде признат од престижните Cannes Lions и да се сподели ова со глобалниот тим на Mattel, чија страст ја поттикнува нашата креативност, секој ден“ – изјави добитникот на наградата Инон Крајз, претседател и генерален извршен директор на Mattel.
Крајз ќе одржи говор на фестивалската сцена во петок на 21 јуни и ќе го подигне признанието за време на наградната церемонија на Cannes Lions истата вечер.
Овогодишното издание на меѓународниот огласувачки фестивал Cannes Lions ќе се одржи од 17 до 21 јуни во Кан, Франција. Повеќе информации за настанот се достапни на www.canneslions.com.