Целта на Извештајот CANNUAL Report е да им помогне на компаниите кои работат во регионот на Централна и Источна Европа да се запознаат со комуникациските трендови и да добијат детален опис на огласувачките пазари во одделни земји
WeCAN, мрежа на независни комуникациски агенции од Централна и Источна Европа, неодамна го објави својот годишен извештај за пазарот на огласувањето во регионот, CANnual Report 2017. Ова е трето годишно издание на извештајот, кој на 300 страници дава информации и податоци кои ќе им помогнат на компаниите кои работат во Централна и Источна Европа да се запознаат со комуникациските трендови во регионот и да добијат детален опис на огласувачкиот пазар во поединечни земји.
Контекстот на CANnual Report 2017 е општествениот, политичкиот и економскиот систем на земјите од Централна и Источна Европа, кои од многу аспекти се разликуваат од оние во развиените земји. Извештајот ги открива ефектите на тие фактори на локалната огласувачка индустрија, ги испитува огласувачките пазари врз основа на различни податоци и го проценува нивниот дигитален развој потпирајќи се на избрани показатели.
Покрај анализата на 14 земји – Бугарија, Чешка, Естонија, Хрватска, Полска, Латвија, Литванија, Унгарија, Русија, Романија, Србија, Словачка, Словенија и Украина – поединечно, овај извештај дава и општ преглед на регионот. Се покажало дека вкупното вложување во огласувањето во Централна и Источна Европа порасна од 9,9 милијарди евра на 11 милијарди евра во 2016 година.
Извештајот, исто така, покажува дека телевизијата е понатаму најсилен медиум, кога е во прашање огласувачкото вложување на повеќето пазари во Централна и Источна Европа, а доминантни се земјите од југоисточна Европа каде што големите вложувања во ТВ огласувањето се поврзани со големиот број на гледачи.
Сепак, главниот двигател на растот, во согласност со западните трендови, е дигиталното огласување. Минатата година, инвестициите во дигиталното огласување се зголемиле за 5% во графиконот на вкупните вложувања во огласувањето. Со тоа, ова е единствениот вид на медиум што успеа да ги одржи стапките на раст забележани во 2015 година.
Чешка е сеуште дигитален крал на регионот. Интернет пенетрацијата во оваа земја изнесува 83%, а чешките огласувачи трошат речиси половина од нивниот буџет во дигитално огласување. Чешка ја следат и останатите земји од Вишеградската група, Русија и Литванија. Во Русија – земја со 100 милиони интернет корисници – огласувачите минатата година инвестираа речиси 1,8 милијарди евра на онлајн огласи, што е повеќе од вкупните вложувања во Чешка за 2016 година (вклучувајќи ги сите видови на медиуми).
Не изненадува тоа што најмоќните огласувачки пазари во регионот се Вишеградските земји, со нивниот силен онлајн сегмент и земјите од Југоисточна Европа со исклучително моќните телевизиски пазари. Ова се рефлектира и во WeCAN Ranking, индекс развиен од страна на огласувачките експерти од мрежата на WeCAN. Рангирањето покажува дали огласувачкиот пазар, како економски сектор, е посилен или послаб од она што може да се заклучи од вкупните економски резултати на една земја.
Најмоќните земји на листата се земјите од Вишеградската група и балканските држави, со два исклучоци: Русија и Украина. После рецесијата, економските резултати на Русија почнаа да растат во 2016 година, а БДП и во Украина се зголеми за 1,5%, за прв пат од почетокот на кризата. Сепак, во споредба со овие економски показатели, огласувачката индустрија забележа радикално посилен раст во двете земји. Инвестициите во Русија во огласувањето пораснаа за 11%, а во Украина за неверојатни 27 % во споредба со 2015 година. Овие бројки во моментов се едни од највисоките стапки на раст во регионот. Ова се рефлектира и на новото рангирање: Русија има напреднато за 3 места, а Украина за 5 места за само една година.
Глобалните гиганти Фејсбук и Гугл направија значителен придонес за раст на инвестициите во дигиталното огласување во Централна и Источна Европа. Најбрз раст во однос на корисничката база минатата година, забележа YouTube. Додека бројот на нови корисници на Фејсбук во регионот се зголеми за 3-5%, а на Инстаграм за 5-10%, YouTube забележа раст на корисниците од 10% во речиси сите земји. Затоа, може да се заклучи дека конзумирањето на видео содржини во Централна и Источна Европа расте, не само во однос на интензитетот, туку и во однос на бројот на корисници на видео записите.
Додека популарноста на големите, странски платформи на социјални медиуми расте во секоја земја од регионот на Централна и Источна Европа, популарноста на локалните мрежи е во пад. Меѓу незападните канали на социјалните медиуми, VKontaktе – популарен во поранешните советски земји – претрпе најголема загуба откако беше блокиран од претседателот Петар Порошенко во Украина заради национална безбедност. Претходно, VKontaktе беше најпопуларната социјална платформа во земјата, со 13 милиони корисници и тоа само на компјутерските уреди. По воведувањето на санкциите, започна егзодус кон другите канали на социјални медиуми од страна на индивидуалните корисници, но и брендови. Нивната примарна дестинација беше Фејсбук: две недели по блокадата на VKontaktе, на Фејсбук се регистрирале 1,5 милиони луѓе.
Оваа година, CANNUAL Report се фокусира на content маркетинг и трендовите на influencer маркетингот во регионот. Извештајот открива кои брендови и сектори ги користат достапните алатки за content маркетинг на најзначаен начин, достигнувајќи ја целна публика со големи димензии, а со тоа го доведуваат и content маркетингот до нивото на главните формат за огласување. Во извештајот, исто така, се прикажани професионалци кои беа пионери на influencer маркетингот на нивните пазари, а се откриваат и најпопуларните инфлуенсери во одделни земји.
Извештајот можете да го преземете бесплатно на http://cannualreport.wecan.net/.