Популарната сатирична цртана серија South Park денес ќе има премиера на својата нова специјална епизода во времетраење од еден час (за разлика од вообичеаните епизоди кои траат околу 20 минути). Епизодата ќе се фокусира на светот во услови на пандемијата на ковид-19, а имајќи во предвид дека серијата не беше активна за време на досегашното траење на пандемијата, се прашуваме дали еден час ќе биде и премалку.
Соодветно на нејзината најавена тематика, луѓето од South Park се решија да ја промовираат претстојната епизода со креативна инсталација, создавајќи 1.800 картонски исечоци во природна големина на сите „жители“ од измисленото гратче South Park и поставувајќи ги на трибина на последниот натпревар на најголемиот NFL тим од Колорадо, Denver Broncos (Колорадо е сојузната држава во која наводно е лоцирано гратчето South Park).
Сите картонски ликови носеа маски и ги „почитуваа“ предвидените безбедносни протоколи на спортски натпревари.