Денеска се одбележуваат четири години откако во Македонија започна со работа еден од најголемите комуникациски системи во централна европа Chapter 4. По тој повеод, роденденски, разговараме со Г-дин Тодор Стојчевски, директор на агенцијата за односи со јавноста Чептер 4 Македонија.
M365: Како Агенција одбележувате 4 години од функционирање на македонскиот пазар. Ваше видување за професијата односи со јавност, бизнис-климата и стручноста на кадарот?
Тодор Стојчевски: Четири години функционирање е период кога веќе може да се сумираат мислења и видувања за одреден пазар и статус на одредена професија. Односите со јавноста се релативно млада професија во Македонија која, се уште, се профилира на пазарот. Секако, Чептер 4, која се вбројува во мали и средни претпријатија, за овие четири години, успеа да го најде своето место на пазарот како бренд во односите со јавноста. Покажавме дека можеме и знаеме како да го примениме меѓународното ПР искуство во македонски услови. Времето на постоење не е основа за оценка на успешноста на одредена компанија, туку за тоа говорат резулатите, квалитетот и задоволството на клиентите.
Бизнис климата многу влијае на условите за работа на нашите компании. Подобра економија значи поголема активност и ангажман на Агенциите од страна на компаниите. Поголем ангажман би значело подобрување на квантитетот и квалитетот на комуникација на клиентот со неговите целни групи, односно подобрување на економските параметри на самата компанија преку подобар имиџ. Доколку компанијата постои, создава дополнителна вредност и профит, значи дека постои бизнис клима за работење.
Стручноста на кадарот секогаш ќе биде дискутабилна. Кај нас, се уште се профилира теоретски образовен кадар за оваа професија (дипломирани студенти, магистри, доктори на науки), а од друга страна, расте и бројот на практичари на односите со јавноста. Сепак, сите заедно, кои сме дел од оваа професија, даваме придонес во развојот.
M365: Колку сте задоволни од развојот на вашата компанија во земјава во споредба со вашите колеги од другите држави кадешто постои Чептер 4?
Тодор Стојчевски: Секако дека сум задоволен, имајќи в предвид дека во портфолиото на Чептер 4 Македонија се набројуваат многу успешни македонски и светски компании со кои сме соработувале. Но, нели, секогаш може подобро и ние се стремиме кон тоа да го зголеми бројот на клиенти, но и квантитетот и квалитетот на услуги кои го испорачуваме.
Во принцип, за мене, развојот на една компанија, посебно млада, е како растот на дете. Прво „се раѓа“, потоа почнува да оди, созрева, прави грешки, ниже успеси. Важно е, во процесот на растење, да има „станување“ после секој пад. Во овие четири изминати години, Чептер 4 помина низ сите овие фази, стабилно ги постави следните чекори за развој и веќе се чувствува комотно како компанија која ги постави своите основи во Македонија, има одлично портфолио со клиенти, нуди разни и квалитетни услуги. Што е најважно, го гради својот бренд имиџ. Ние сме мала, функционална, флексибилна и професионална агенција која секогаш одговара на потребите на Клиентите.
Секогаш е добро да постои репер, споредба и ние тоа го правиме со нашите колеги од регионот. Два пати годишно правиме состанок на Бордот на сопственици (Management Board Meeting), каде што детално зборуваме за состојбите со професијата во нашите држави, за клиентите, за општата политичка и економска состојба, за идните планови и развој на Чептер 4. За да правиме споредба со другите држави, мора в предвид, да ги имаме разните географски, економски, политички и професионални предуслови. „Теренот за игра“ не е еднаков за сите. Пример, Австрија, Романија, Бугарија, Унгарија и Србија, сами по себе, се поголеми држави и нормално е да имаат поголем број компании на свое тло со кое може да се соработува. Факт е дека и Босна и Херцеговина е поголема од Македонија, територијално, но таму ги имаме економските и политичките проблеми. Она што нам ни значи и е важно дека Чептер 4 Македонија се носи со сите предизвици во својот развој и функционира согласно правилата на професијата и законските услови во државата.
M365: Постои ли соработка меѓу агенциите за односи со јавност, маркетинг и адвертајзинг агенциите кога е во прашање клиент?
Тодор Стојчевски : Интересно прашање, на кое одговорот е и да и не. И постои и не постои. Постои соработка меѓу индивидуалци од различни агенции, но не исклучувам соработка и меѓу агенциите. Ние како агенција сме отворени за соработка и веќе воспоставуваме бизнис релации со нашите „конкуренти“. Нормално постои микс на соработка меѓу ПР и адвертајзинг за одреден клиент доколку сакаме професионално да ја завршиме работата на обострано задоволство и во интерес на клиентот. Досега сме работеле многу кампањи и сме имале активности со други агенции во различни сегменти. Пример, ние работиме релација со медиуми, а тие го организираат настанот. Или, одредена компанија прави видео спот, ние го правиме евент менаџментот за негова промоција, а вклучуваме и трет партнер кој работи на медиа закупот. Значи, постои соработка, но таа секогаш мора и треба да се продлабочува.
M365: Вие сте член на Управниот одбор на единственото Здружение за односи со јавност во Македонија кое изминатиов период нема реализирано ниту една позначајна активност. Зошто?
Тодор Стојчевски: Здружението за односи со јавност е уште еден обид да се организираме и соработуваме како професионални лица. Не се сложувам дека не постоеја активности, но се сложувам дека не беа доволно видливи и атрактивни за членовите. За жал, и овој, мислам трет обид, барем засега, не покажува видливи и функционални резултати. Вината е кај сите членови, но најмногу ја лоцирам кај членовите на телата кои раководат со ЗОЈМ (Управен и Надзорен одбор), каде што и јас припаѓам. Причини за (не)функционирањето има многу, кои треба да ги и ќе ги надмине. Секако, ги повикувам и поканувам сите членови активно да се вклучат во органите на ЗОЈМ и да дадат придонес во опстојување на Здружението и во зајакнување на стандардите и квалитетот на професијата.
M365: Кои се идните планови на Чептер 4 во Македонија? Каде се гледате после 4 години ?
Тодор Стојчевски : После четири години се гледаме во следно ниво на развој – од мала кон голема компанија, со поголем тим, поголем број клиенти, поголем обем на работа, но тоа подразбира и поголема одговорност кон професијата и кон клиентите. Затоа, трасираме сигурна патека на движење, раст и развој. Планови за компанијата постојат многу и се реализираат. Дел се однесуваат на Чептер 4 Македонија, а дел се „преземаат“ од мрежата во која функционираме. Секако, главно е да менаџираме со комуникациите на клиентите врз база на факти и да имаме палета задоволни клиенти и успешно реализирани проекти. Приказната за Чептер 4 се развива во вистинска насока.
Клиентите за Чептер 4
Стефани Ондрачек, ESSN/TS Marketing – HP CDG, Country Development Group
Во се што правиме, без разлика дали професинално или приватно, за нас најважни се релациите и искуството. Сметам дека Чептер4 поседува врвно ниво на ПР услуги и експертиза кои, всушност, го надградија нашиот успех во регионот. Добитната комбинација беше микс на глобалниот know-how и неговата локална имплементација.
Професор Миле Станковски, декан на Факултетот за електротехника и информациски технологии:
Нашата соработка со Chapter 4 започна пред 2 години. Од тогаш наваму ”пловиме заедно” во сите професионални битки, во насока на поуспешната промоција на нашата мисија и работа пред нашите студенти и кон целокупната јавност. Слободно може да кажам дека го добивме вистинскиот партнер од кого добиваме поддршка што ни е потребна, се со цел професионална реализација на сите планови и зацртани цели. За нашата успешна соработка доволно говорат досегашните бројки и факти.
Арбен Абдурахмани, сопственик на компаниите Везе Шари, Лекер и Електрошари:
Се запознавме сосема случајно. На обострано задоволство, тоа познанство премина во плодна соработка која резултира со позитивни резултати за нашиот бизнис. Она што нам посебно ни значи е видливата додадена вредност на нашата работа. Агенцијата континуирано доставува свежи идеи и што е најважно, точно знае да ги идентификува нашите потреби и да испорача квалитетна и професионална стратегија за делување.
Герхард Шлатл, Трговско Аташе на Република Австрија во Република Македонија:
„Во функција на Трговско одделение во рамки на Австриската Амбасада во Р.Македонија – високо ги вреднуваме услугите на агенцијата Chapter 4 во земјава. На листата на многуте сработени активности, заеднички ја реализиравме годишната прес конференција на темата “Истражување и анализа на австриската бизнис клима”, насочена кон австриските компании на македонскиот пазар. Високиот професионализам на агенцијата, посебно во насока на доближување и обраќање до посакуваната целна група, како и нивното длабинско познавање во областа на Односите со јавност во Македонија, за нас се од непроценлива вредност и значење“.