Британскиот адвертајзинг магазин Campaign известува дека четири агенции влегле во финалната битка за глобалниот креативен договор на италијанскиот пивски бренд Peroni Nastro Azzurro.
Брендот во сопственост на јапонската холдинг-компанија за пијалоци Asahi Breweries ја започнал ревизијата на својот глобален креативен договор уште во март годинава, во соработка со консултантската компанија AAR.
Според информациите на Campaign, конечниот избор на Peroni ќе се сведе на некоја од следните четири агенции: Accenture Song, McCann London, Uncommon Creative Studio, или пак актуелниот креативен партнер Trouble Maker.
Агенцијата Trouble Maker го доби договорот на Peroni во 2020 година и беше заслужна за лансирањето на првата зимска кампања на брендот на крајот од минатата година, насловена “Live Every Moment, All Year Round” („Живејте го секој момент, цела година“).
Според компанијата, изборот на глобален креативен партнер нема да влијае врз локалните агенциски партнерства на брендот.