Овој март се одблежуваат два значајни “празници“ за жените во Македонија – меѓународниот ден на жената кој интернационално се празнува секој 8ми март и роденденот на првиот македонски веб сајт за продажба, размена и купување на користена облека – Mojagarderoba.mk – првата страна во веб пребарувачите на многу девојки и жени од нашата земја, кој деновиве слави 4 години од своето постоење.
Токму овој втор повод за прослава, роденденот на сајтот кој го научивме благодарение на нашите мајки, другарки, девојки и сопруги кога нивната “секунда“ (само да зирнам шо има..) – траеше еден час….не инспирираше да се запознаеме со креаторите позади сајтот кој направи бум во Македонија и да ги замолиме да ни раскажат дел од нивната досегашна приказна.
“Да се промовира идејата за продажба, размена и купување на користена облека преку онлајн платформа беше голем предизвик за мене и мојата менторка од Литванија Ерика. Кај нив во 2012 тоа беше веќе добро разработен концепт, а кај нас воопшто не ни постоеше нешто слично. Сепак, уште од самиот старт наидовме на огромна заинтересираност кај корисниците, коишто над 90% се девојки и жени. Веќе првиот ден откако го пуштивме сајтот, заедно со Фејсбук кампања, луѓето почнаа да креираат профили и да објавуваат облека на која до тогаш не знаеле што да и прават.“ – ни одговара Милена Петровска – претставникот на Kominoi (групација која стои позади сајтовите) во Македонија, девојката која стои позади Mojagarderoba.mk.
Сајтот е основан во март 2012 како сестрински сајт на популарниот http://tarpmergaiciu.lt/ во Литванија. По Македонија сопствениците го прошириле своето присуство на пазарот и во Србија, Хрватска, Бугарија, Словенија и Унгарија. Сега сите сајтови се дел од групацијата наречена Kominoi и сите заедно работат како тим на градење на овој бренд низ Европа.
Во однос на бројките, Милена ни споделува дека “…во моментов имаме речиси 23,000 членови, додека нашата Фејсбук страна ја следат над 26,000 фанови. Што се однесува до бројот на посети, може да се каже дека месечно во просек имаме над 100,000 посети и над 1,500,000 отворени страници. Статистиката покажува дека до сега на mojagarderoba.mk биле објавени над 130,000 огласи од кои над 40,000 биле означени како продадени. Не би можеле да истакнеме кои производи се најбарани, меѓутоа може да се каже дека категоријата „Чевли“ е доста интересна за нашите посетители :) “
Со тек на време се создадоа многу пријателства помеѓу членовите, а Mojagarderoba има организирано и неколку дружби на коишто членовите имале можност да се запознаат, да продискутираат за проблемите на сајтот (несериозни членови, технички проблеми, опции што недостигаат и тн.) а администраторите да чујат идеи како да се подобри понудата.
За крај ја прашавме Милена да ни каже нешто повеќе за новостите кои ги носи новата година во постоењето на порталот и плановите за во иднина: “Воведовме опција за креирање модни комбинации, пуштивме во употреба форум, а и создадовме можност за ВИП членство. Така што, сега ВИП членовите можат да си ги разубавуваат продавниците со постери и да ја следат статистиката на своите профили. Планот за наредниот период е да продолжиме да се развиваме, да создаваме нови пријателства и да ја доградуваме нашата заедница на љубители на модата. Како и до сега, ќе смислуваме нови интересни опции за сајтот да биде уште поинтересен за корисниците и ќе продолжиме да ги наградуваме членовите за нивната лојалност“.