Пред околу еден месец, италијанските власти соопштија дека го забрануваат популарниот четбот базиран на вештачка интелигенција ChatGPT на OpenAI поради кршење на одредени регулативи за корисничка приватност.
Имено, регулаторното тело за заштита на корисничките податоци на Италија нотираше загриженост за тоа како четботот со вештачка интелигенција ги користи податоците на корисниците за понтамошна обука на својот систем и дека ја прекршил Општата регулатива за заштита на податоците на Европската Унија (GDPR). Исто така, регулаторот изрази загриженост дека четботот немал воспоставено механизми за верификување на возраста на корисниците со цел да се спречат децата да го користат.
Со цел да ги заштитат личните информации на корисниците ширум земјата, италијанските власти тогаш одлучија да ја органичат достапноста на ChatGPT за своите граѓани. Сепак, регулаторното тело им даде рок на OpenAI до крајот на месецот да ги решат проблемите со приватноста доколку сакаат нивниот четбот да биде повторно достапен во Италија.
Регулаторното тело им посочило на OpenAI дека мораат да додадат известување за корисниците, под предупредувањето за приватност, информирајќи ги дека компанијата ќе ги собира нивните податоци и ќе ги користи за обучување на системот на вештачка интелигенција. Покрај тоа, компанијата исто така добила насоки да имплементира систем за проверка на возраста и да им понуди на Италијанците можност да се откажат од обработката на нивните лични податоци.
Па, тоа и се случило. Од OpenAI додале нови контроли за приватност и инкогнито режим што им дава на луѓето можност да ја избришат нивната историја на разговори и да ѝ забранат на компанијата да ги користи нивните податоци за цели на обука. Италијанските корисници сега исто така ќе добиваат известување кое бара од нив да потврдат дали имаат над 18 години. Лицата меѓу 13 и 17 години мора да добијат согласност од родителот или старателот пред да пристапат кон четботот.
По исполнувањето на сите зададени услови, ChatGPT е сега повторно достапен во Италија.