Популарниот четбот со вештачка интелигенција на ChatGPT, на компанијата OpenAI, отсега ќе биде достапен и како апликација за паметните телефони, почнувајќи од уредите на Apple кои користат iOS.
Уште од своето лансирање кон крајот на минатата година, ChatGPT предизвика голем интерес кај јавноста за развојот на вештачка интелигенција и како таа може да влијае врз нашиот секојдневен живот. Верзијата на четботот достапна преку веб-прелистувач за кратко време регистрираше над 100 милиони корисници. Следниот чекор за компанијата е обезбедување достапност до четботот преку паметни телефони.
Апликацијата за iOS достапна преку App Store се опишува како способна да нуди одговори на разни прашања, да дава насоки за готвење или да формулира планови за патување, да помага во секојдневниот работен тек, па дури и да ве научи на нов јазик или да ви одржи лекција по историја.
Па така, меѓу понудените скриншотови како демонстрација на апликацијата, можеме да забележиме корисник што ја прашува апликацијата како правилно треба да ги постави чиниите за вечера или како учтиво да одбие покана за концерт, резултирајќи со порака која едноставно може да се ископира, залепи и испрати.
Апликацијата моментално е бесплатна, со опција за месечна претплата од 20 американски долари за пристап до дополнителни функции. Засега, апликацијата е достапно само за оние кои живеат во САД, иако OpenAI ќе продолжи да ја пласира во повеќе земји во наредните недели.