Најмалку 43% од фановите на чипсот Pringles барем еднаш ја заглавиле својата рака во нивното цилиндрично пакување – така барем вели истражувањето на брендот кое стои во основата на нивната нова Super Bowl реклама.
Спотот го прикажува животниот циклус на едно момче кое ја заглавува својата рака во пакувањето на Pringles за време на некоја средношколска забава.
Откако првично не успева да ја извади, тој се одлучува да живее заедно со пакувањето – да се заљуби, да се ожени, да има дете, да се пензионира, остари и умре – постојано со пакувањето Pringles на својата рака.
За кругот да започне одново, токму на погребот на човекот, друго момче успева да ја заглави својата рака во ново пакување на Pringles.
Рекламата е создадена со помош на агенцијата Grey Group.