Американскиот бренд за спортска опрема Nike поднесе приговор до Комисијата за меѓународна трговија во Вашингтон со цел забрана на увозот на плетени обувки од својот германски конкурент Adidas.
Препирката настана со лансирањето на новата серија на плетени еко-обувки од Adidas, AG Primeknit. Nike тврди дека нивниот најголем конкурент неовластено искористил нивна патентирана технологија, на чиј развој потрошиле цела деценија.
Истовремено, Nike поднеле тужба против Adidas во федерален суд во сојузната американска држава Oregon за „нарушување на патент“ (“patent infringement”).
Според Nike, обувките од серијата Primeknit на Adidas ја користат нивната технологија FlyKnit, со која за обувките се изработува плетена надворешна облога од рециклирани материјали. Nike тврдат дека потрошиле една деценија и 100 милиони долари за усовршување на FlyKnit-технологијата.
Од Nike посочуваат дека FlyKnit претставува „првата голема технолошка иновација за обуви во последните децении“ и дека Adidas „заборавиле на независна иновација“, па затоа наводно ги копирале патентите на Nike без дозвола. Затоа, компанијата морала да преземе чекори за да ја „заштити својата технологија така што ќе ја спречи нејзината навторизирана употреба од страна на Adidas“.
Nike бараат прекин на продажбата на обувки од серијата Primeknit, како и компензација за „штетите предизвикани од имитацијата на нивниот дизајн“.
Adidas пак, од друга страна, соопштија дека ќе се борат против ваквите обвиненија.
„Нашата Primeknit технологија е резултат на години посветено истражување и ја покажува нашата посветеност кон одржливоста“ – се посочува во одговорот на Adidas.