Делегацијата на Европската унија во земјава ја започна новата кампања за поддршка на еко-активизмот, под мотото „чисто како дома исто“.
Кампањата се навраќа на основите со цел ја подигне свеста за заштитата на животната средина. Секој треба да води грижа за животната средина онака како што се грижи за домот.
-Граѓанските иницијативи и активистите веќе го започнаа пролетното чистење на земјата и ‘ЕУ за ТЕБЕ’ го поддржува еко-активизмот во Северна Македонија со слоганот ‘За чисто како дома исто’. Делегацијата на ЕУ ќе ги поддржи т.н. херои од соседството кои ја започнаа промената и испраќаат моќна порака дека ѓубрето наоколу е твое. А промени настануваат преку давање пример – од страна на поединци или на општините, се посочува во соопштението.
Кампањата ‘За чисто како дома исто’ ќе започне со средба на амбасадорот Жбогар со еколозите и активистите од Охрид и Струга.
Кампањата ги следи активностите на ЕУ автобусот кој вклучува посети на осум градови во периодот од 20 до 31 мај, како и спортските ‘ЕУ за ТЕБЕ’ активности планирани за периодот од 31 мај до 19 јуни низ земјата.
Граѓаните ќе имаат можност да се регистрираат како еко-активисти и да земат учество во акциите за чистење организирани во нивните градови. И активистите и општините ќе можат да учествуваат во предизвикот ‘пред и потоа’.