Заменик-директорот на МИА, Халит Ајдини во интервју за МИА по повод 20-годишнината од основањето на Агенцијата изјави дека читателите, новинарите и медиумите кои ги користат вестите на МИА можат најдобро да ја оценат нејзината работа од основањето до денес. Според него, МИА има добра иднина само доколку продолжи да ги следи новите технолошки и професионални трендови на светските агенции.
Како заменик директор, со најдолг стаж на оваа функција, кои се Вашите впечатоци за работата на агенцијата?
– Имам најдобро мислење за работата на сите вработени во МИА и на агенцијата во целина, но тука можам да бидам субјективен. Најдобрите впечатоци од нашата работа можат да се добијат од читателите, новинарите и медиумите кои ги користат вестите на МИА. Според нив, МИА забележува зголемен квантитет и квалитет на вестите во овие 10 години, колку што сум јас заменик директор. Не само во нејзиниот примарен производ – веста, туку и на многу други димензии како што се имиџот и довербата на МИА, прво кај граѓаните и медиумите, а потоа и кај меѓународните институции во земјава и во странство.
МИА во овие десет години, колку што сум тука, доживеа падови и успони, но генерално ја има својата заслужена положба во опшеството, да биде почитувана национална агенција, не само во Македонија, туку и во регионот и светот. Отворена агенција за сите и посветена во рамките на своите можности да биде сервис на нејзините читатели и корисници.
Ни престојува многу работа и многу посветеност секој ден да напредуваме по малку и да ја спроведеме нашата мисија со професионална чесност.
Со какви предизвици се соочува МИА во периодот од кога Вие сте заменик-директор?
– МИА и пред 10 години и сега се соочува со секојдневни проблеми, кои ние сите заеднички се обидуваме да ги решиме. Информативната агенција е жива работа и бара постојана професионална посветеност.
Ние решивме десетина проблеми, како што се финансиски, правни, технолошки, човечки ресурси и создадовме една добра финансиска стабилност. МИА за десет години, колку што сум јас тука, е една од ретките државни претпријатија што нема долгови и плус секоја година има постојан раст на приходите. Сме работеле и работиме многу домаќински и за ова добиваме пофалби од сите.
Исто така, предизвик, и тогаш а и сега, е модернизацијата на програмите за работа и другите средства за работа. Растот на приходите на вработените и растот на бројот на вработените било и останува голем предизвик за МИА. Агенцијата има потреба од нов, постојан професионален кадар, но вработувањето на новинарите и професионалниот кадар се спроведува со големи потешкотии бидејќи за едно рабтно место во МИА се бара дозвола од многу институции, кои во повеќето од случаите не одговораат позитивно на нашите барања.
Просторот со кој располага МИА не се наоѓа во најсоодветно подрачје, и што е најлошо, е многу мал. Правиме обиди со Владата да најдеме поголем простор и тоа да биде во централното градско подрачје.
Класичното крадење на вестите на МИА било и ќе биде сериозен проблем. Не мал број на информативните куќи не ги почитуваат професионалните новинарски стандарди. Правиме постојани обиди да се почитуваат договорите за користење на вестите на МИА, но, за жал, многу малку колеги и медиуми ги почитуваат правилата и етичкиот новинарски кодекс.
МИА, како и секоја новинска агенција секогаш се соочува со нови предизвици. Големиот технолошки развој бара поголема посветеност, следење на технолошките можности кои овозможуваат информирање на јавноста во реално време. Постојаната наша едукација, како менаџмент, и на новинарите е друг предизвик, кој исто така е многу важен.
МИА во периодот откако сум јас тука, учествувала на десетици меѓународни конференции за разменување на искуства со другите сестрински агенции. Исто така, има потпишано над десет договори за соработка со агенциите од регионот и светот, кои помагаат во работењето на МИА. Агенцијата треба да продолжи да ја продлабочува уште повеќе соработката со светските агенции, бидејќи само така може да биде во чекор со времето и на задоволително професионално ниво.
Растот на животниот стандард на новинарите е исто така клучен фактор за да се продолжи квалитетно и со успеси и квалитетно.
Колку сте задоволни од она што е постигнато досега во контекст на уредувачката политика и внатрешната организација на МИА?
– Агенцијата работела и работи секојдневно со висок ритам, со цел да ги изврши своите задачи. Дали секогаш го постигнуваме тоа? Не, но важно е дека сите прават напори за најдоброто. Уредувачката политика на МИА е коректна генерално, поради тоа што МИА само информира, а тоа е нејзината мисија и така треба да биде и во иднина. Има простор за раст на квалитетот и професионализмот, тоа мислење го делат сите вработени и тоа е одлично.
Фактот дека МИА е лидер на медиумскиот пазар во Македонија десет години, ме прави горд и тоа значи дека сме работеле и работиме на задоволително ниво и со професионална посветеност.
Кои се Вашите предвидувања за иднината на МИА?
– МИА има многу добра иднина само ако продолжи да ги следи новите технолошки и професионални трендови на светските агенции. За да се постигне ова ниво, треба финансиски средства и од сопственикот, во овој случај владата, но и од самата работа на МИА.
Иднината на МИА е сигурна доколку животниот стандард на новинарот се зголемува, ако се почитува слободата на мислење и правата на новинарите и доколку се работи на тоа МИА да биде во служба на целото општество.
МИА сега има висока оценка од сите колеги во земјава и надвор од неа поради продуктивната работа со многу малку финансиски средства. Ние работиме заедно со многу меѓународни институции, кои ни помагаат за зголемување на професионалото ниво и создавање на подобри услови за работа. Но постојано треба многу да се работи. Се обидуваме МИА да биде извор на вестите во Македонија. Точно, брзо и објективно.
Интервјуто е преземено од МИА.мк