Насочени кон иднината, францускиот производител на автомобили Citroën се враќа кон своите корени. Компанијата го објави своето ново лого кое е речиси копија на она првото што таа го усвои при нејзиното основање во далечната 1919 година.
Citroën има направено 10 големи промени на визуелниот бренд идентитетот во последните 103 години. Иако сите овие логоа се разликуваат едно од друго, секоја верзија ги има иконичните двојни шеврони произлезени од оригиналниот систем за менување брзини на Citroën.
Најновата верзија прави полн круг, враќајќи ја вертикалната овална рамка на оригиналното лого. Меѓутоа, за да се приспособат на модерните дисплеи, шевроните сега се поизразени, додека пак рамката е „омекната“. Citroën дополнително ја исполира својата типографија со елегантно текстуално лого.
„Стремејќи се да го разјасниме нашиот иден фокус, логично беше да го затвориме циклусот со тоа што графички ќе се вратиме на првото лого на Андре Ситроен кое го претставува искреното ветување за прифатлива и иновативна мобилност за сите“ – објаснува Александар Реверт, глобален бренд дизајнер на компанијата.
Новата палета на бои ги задржува класичните бела и ладно сива боја за да послужи како „основа за спокојство и леснотија“, но воведува две дополнителни нијанси: „Монте Кралсо сина“ – традиционален тон присутен на препознатливите автомобилски модели 2CV и DS; и енергична „Инфра-црвена“ за внесување динамичен контраст во печатените, физичките и дигиталните комуникациски продукти.
Во прилог на ребрендирањето оди и новиот слоган “Nothing Moves Us Like Citroën” („Ништо не нè движи како Citroën“).
„Нашиот нов идентитет е елегантен симбол на напредокот, како што ги придвижуваме нашите клиенти физички – во смели возила насочени кон иднината што ги предизвикуваат традиционалните индустриски правила, но и емотивно – со тоа што се осигуруваме дека целото нивно искуство, особено возењето на електричен погон, е подостапно, поудобно и попријатно без оглед на нивните желби и потреби“, објаснува генералениот извршен директор на Citroën, Винсент Кобе.
Обновеното лого на Citroën за прв пат ќе се појави на концептуално семејно возило кое ќе дебитира на крајот на септември, а официјалните автомобили со новиот симбол ќе почнат да се појавуваат од средината на 2023 година.