Минатиот месец, американската телевизиска куќа CNN го соопшти лансирањето на својот стриминг сервис за вести и забава CNN+. Со цел привлекување на претплатници, платформата дури понуди и доживотна претплата со попуст, од само 2.99 долари месечно, доколку тие се регистрираат во првите четири недели од лансирањето.
Но, сега, само еден месец по лансирањето на CNN+, телевизијата одлучи да стави крај на стриминг платформата. Причината за тоа е исклучително малиот број на претплатници и активни дневни корисници.
Имено, според одредени информации, по првите две недели од лансирањето, платформата имала помалку од 10.000 дневни корисници. Тоа било знак дека е време да се „стави клуч“, пред телевизијата да претрпи дополнителни загуби.
Одлуката била донесена од новиот менаџмент на телевизијата, кој го презел раководењето со неа откако матичната компанија Warner Media овој месец го финализираше договорот за спојување со Discovery и формирање на заедничката медиска компанија “Warner Bros. Discovery”.
„На сложениот пазар за стриминг, потрошувачите сакаат едноставност и сеопфатна услуга која обезбедува подобро искуство и поголема вредност од самостојните понуди и, за самата компанијата, поодржлив деловен модел кој ќе ги поттикне нашите идни инвестиции во добро новинарство и раскажување приказни“, изјави Жан-Бријак Перет, директор за стриминг на Discovery.
Компанијата вети дека ќе им ги рефундира парите на сите корисници кои се претплатиле кон стриминг-сервисот. Што се однесува до самите вработени во CNN+, на дел од нив ќе им биде понудена нова работа во телевизијата CNN, додека пак други ќе мора да се снаоѓаат сами и да си бараат ново работно место.