Гостивар од вчера стана дел од големиот проект на Coca-Cola и Пивара Скопје наречен „Coca-Cola Активни зони“. Во доцните попладневни часови, во присуство на голем број граѓани, спортисти, рекреативци, претставници од Пивара Скопје, како и градоначалникот на општина Гостивар, беше отворена „Coca-Cola Активната зона“ во Гостивар.
Гостивар е осмата општина по ред опфатена со овој проект и граѓаните од оваа општина им се придружуваат на граѓаните од општините Гази Баба во Скопје, Охрид, Струмица, Прилеп, Тетово, Куманово и Штип. Целта на компанијата Coca-Cola и Пивара Скопје, кои ги подаруваат Активните зони, е, пред сè, промоција на активниот начин на живот за сите граѓани и, воопшто, добробит за целата заедница.
„Чест и задоволство ми е што денеска во Гостивар ја продолжуваме нашата мисија за добросостојба на сите граѓани, промовирајќи го активниот животен стил и поттикнувајќи ја спортската култура. Нашата цел е преку „Coca-Cola Активната зона“ да ги поттикнеме на физичка активност сите жители на општина Гостивар, без разлика на нивната возраст, пол или физичка предиспозиција. Зоната ја поставуваме на достапна локација каде во следниот период во соработка со стручни спортски лица ангажирани од наша страна, ќе организираме низа спортски настани, со намера „Coca-Cola Активната зона“ во Гостивар да прерасне во место за инклузија на сите граѓани кои ќе можат непречено да го реализираат својот потенцијал, да се забавуваат и социјализираат.
Наша движечка сила и мотив да продолжиме со овој проект е што „Coca-Cola Активните зони“ уште од самиот почеток одлично се прифатени и посетени од сите граѓани, а секојдневно добиваме нови барања од граѓаните низ цела Македонија за донација на „Coca-Cola Активната зона“ и во нивната општина. И затоа нема да застанеме тука – Гостивар е осмата активна зона, трета годинава. Пивара Скопје и компанијата Coca-Cola ќе продолжат со овој значаен проект сè додека не ја покриеме цела Македонија и одговориме на барањата на сите граѓани“, рече Ламбро Патче, директор за односи со јавност и комуникации на Пивара Скопје.
„Coca-Cola Активните зони“ се реализираат со поддршка на локалната самоуправа, а истите се сочинети од 6 најсовремени професионални фитнес-справи, кои се поставуваат на соодветни локации за слободна употреба на сите граѓани, 24 часа на ден.
„Едно вакво спортско-рекреативно катче е навистина добредојдено во градот Гостивар и благодарен сум што Пивара Скопје и компанијата Coca-Cola ја вклучија и нашата општина, бидејќи еден ваков проект долгорочно ќе влијае врз културата на живеење на сите граѓани. Жителите на Гостивар сега ќе имаат шанса бесплатно да практикуваат спорт и да се рекреираат, меѓутоа оние поупорните – да вежбаат и професионално, и навистина сум убеден дека овие фитнес-справи ќе бидат дополнителна мотивација за практикување редовна физичка активност. Би сакал само да упатам еден апел до моите сограѓани да ја чуваат оваа зона, да не ја уништуваат, да се грижат за неа и вистински да ја употребуваат“, изјави г. Невзат Бејта, градоначалник на Општина Гостивар.
Проектот „Coca-Cola Активни зони“ ја опфаќа целата територија на Македонија и е дел од глобалната платформа на Пивара Скопје и на компанијата Coca-Cola за поттикнување на спортскиот дух и вложување во заедницата, преку која досега се реализирани и други успешни проекти, како Coca-Cola фудбалскиот куп, бесплатните паркиралишта за велосипеди итн.