Дали Coca-Cola внесува малку политичка конотација во својата нова глобална празнична реклама?
Кампањата која се лансира на повеќе пазари ширум светот дава една поинаква перспектива на долгогодишната поврзаност на Coca-Cola со Дедо Мраз.
Во неа се истакнува дека Дедо Мраз всушност е „чуден човек од мистериозна земја кој се обидува да влезе во нашите домови“ и кој „ја користи темнината како покритие за да прошверца сомнителни пакети откако собира информации за нас“. Како некоја комбинација на крадец, дилер и Фејсбук.
Меѓутоа, рекламата на крајот заклучува дека и покрај сето ова, тој е добредојден од наша страна – „Не е важно колку изгледаме различно доколку одбереме да го гледаме доброто во другите луѓе.“ Крајната порака е „Она што ни е заедничко е посилно.“
Кампањата е создадена од аргентинската агенција Santo, а главниот спот е режиран од Пучо Ментасти од продукцијата Blue Films и ќе се емитува во Обединетото Кралство, Франција, Шпанија, Португалија, Јапонија, Колумбија, Еквадор и Гватемала.