Брендот за безалкохолни пијалаци Кока-Кола ќе се потруди да одговори на прашањето каков е вкусот и мирисот на вселената преку својот нов пијалак во лимитирана серија – Starlight.
„Вселенскиот пијалак“ ќе биде лансиран заедно со новата платформа за иновации на компанијата, која ќе се вика Coca-Cola Creations. Пијалакот Starlight ќе биде првиот во серија на нови специјални вкусови, соработки и искуства поврзани со „физичкиот и дигиталниот свет“.
Пијалакот со вселенски вкус иницијално ќе се појави на полиците во САД, а потоа и во останатиот дел на Северна Америка, во Европа и во Азија во месеците што следуваат.
Со лансирањето на овој вкус, Кока-Кола сака да се наврати на својата вселенска историја, кога во партнерство со NASA пред 35 години стана првиот безалкохолен пијалак кој отпатувал во вселената.
„Со Coca-Cola Starlight, сакавме да ја прославиме неверојатната можност на вселенските истражувања да ги инспирираат генерациите во откривањето на нови светови со бесконечни можности“ – истакнува Оана Влад, директорка за глобална бренд стратегија во The Coca-Cola Company.
Лансирањето на новиот пијалак ќе биде проследено и со искуство на изменета реалност, како на пример – концерт на пејачката Ава Макс, достапен со едноставно скенирање на шишето или лименката.
2.21.22 pic.twitter.com/OPMPUWlcPI
— Coca-Cola (@CocaCola) February 17, 2022