Повеќе големи брендови, вклучувајќи ги Coca-Cola, Heineken, Costa, Johnson & Johnson, Boots и други се обврзаа на поголем диверзитет, инклузија и застапеност во нивните маркетинг активности кои вклучуваат инфлуенсери, сé со цел намалување на јазот во платите на инфлуенсерите врз основа на нивното етничко потекло.
Веќе неколку години, повеќе професионални медиуми и организации укажуваа на дискриминација во сферата на инфлуенсер маркетингот, особено кога е во прашање платата.
Според истражување на агенцијата SevenSix, 57% од инфлуенсерите го наведуваат своето етничко потекло како фактор кој придонесува кон цената што ја наплаќаат за партнерства со брендови, додека пак околу 37% изјавиле дека нивната етничка припадност го ограничила нивниот потенцијал за заработка.
Затоа, сега, вкупно 23 големи огласувачи и 13 агенции за таленти и инфлуенсери се одлучија да поддржат етички кодекс составен од страна на Инкорпорираното здружение на британски огласувачи (ISBA), чии одредби треба да го подобрат диверзитетот во нивните тимови и да го намалат платниот јаз меѓу инфлуенсерите врз основа на нивното потекло.
Трите основни принципи на кодексот се:
– Да бидат сојузници во решавањето на неприфатливите платни јазови во маркетингот со инфлуенсери, вклучително и оние базирани врз раса и род;
– Редовна ревизија на диверзитетот во групата на таленти со кои работат;
– Постојана работa за унапредување на диверзитетот во нивните сопствени маркетинг тимови, за промовирање на навистина инклузивни кампањи.
Во суштина се работи за дополнување од страна на ISBA на својот постоечки кодекс за најдобри практики, кој прв пат беше претставен во септември 2021 година.
„Како индустрија, сè уште ни претстои огромен пат за да се осигураме дека ги исполнуваме највисоките стандарди во однос на застапеноста во рекламите што ги гледа публиката и диверзитетот на тимовите кои ги креираат кампањите на кои бараме од инфлуенсерите да работат“ – истакна Фил Смит, генерален директор на ISBA.