Американскиот бренд на безалкохолни пијалаци Coca-Cola ја отпочна својата нова летна кампања со објавувањето на новиот реге-поп хит “Be Who You Are (Real Magic)” („Биди тоа што си (вистинска магија)“).
Песната е напишана и изведена од американскиот Греми-добитник Џон Батист, кој што е придружуван од корејската поп група NewJeans, раперот J.I.D, колумбискиот музичар Camilo и англиската поп-ѕвезда Cat Burns.
Песната е продуцирана од новата глобална музичка платформа на Кока-Кола, Coke Studio. Според компанијата, целта на Coke Studio е да го поврзе брендот со потрошувачите ширум светот преку нивната љубов кон музиката, преку продукцијата на оригинални музички изданија и поддршката на некои од најпознатите музички фестивали во светот, вклучувајќи ги Lollapalooza во Шведска, Tomorrowland во Белгија и Coachella во Калифорнија, меѓу останатите.
По лансирањето на “Be Who You Are”, Кока-Кола планира да објави уште девет нови песни во текот на летото, кои премиерно ќе бидат изведени на некој од светските фестивали.
Третиот дел од кампањата предвидува летна наградна игра преку која потрошувачите ќе имаат шанса да освојат бесплатни фестивалски билети, промотивен материјал со музичка тематика и бројни други награди.
„Музиката има неспоредлива способност да ги подигне и поврзува луѓето и знаеме дека нашата целна публика е повеќе ангажирана во музиката и дигиталното аудио од кога било досега. Музиката обезбедува поврзување и поттикнува самоизразување, за многумина таа е катализатор за незаборавни заеднички искуства“ – истакнува Хавиер Меза, виш потпретседател за маркетинг на Coca-Cola за европскиот пазар.