Брендот за безалкохолни пијалаци Coca-Cola го откри својот најнов пијалак со необичен вкус, овој пат насловен Dreamworld, кој наводно го содржи вкусот на “соништата”.
Ова ќе биде четвртиот и последен необичен вкус кој брендот го лансира оваа година во рамки на својот проект за иновации Coca-Cola Creations. Претходно, брендот лансираше пијалак со вкус на вселената, со вкус на компјутерски пиксели и со вкус на диџејот Marshmello.
Според описот на самиот бренд, новиот пијалак Dreamworld ги става во шише “техниколорните вкусови и надреализмот на потсвеста“, односно “додава разиграно живописни ноти на вкус што ја поттикнуваат безграничната креативност на човечката имагинација кон непогрешливиот вкус на Кока-Кола”.
„Coca-Cola Dreamworld ја искористува страста на Gen Z за бесконечниот потенцијал на умот со тоа што истражува каков вкус има сонот“ – посочи Алесандра Касино, креативна и програмска директорка за купувачи на оперативната единица на Coca-Cola во Северна Америка. „Како и креациите на Coca-Cola што беа пред него, Dreamworld си поигрува со неочекуваното и без сомнение ќе предизвика откривање и дебата меѓу потрошувачите… што го поздравуваме“ – додава Касино.
Кока-Кола го украси пакувањето на своите нови производи – кои вклучуваат опција без шеќер – со „илузионерски визуелен пејзаж“, дизајниран да биде илустрација на вкусот на Dreamworld. Во креативите за пијалакот има диско топки, лебдечки коцки, скали кои водат во интердимензионални портали, како типично, квази-психоделично уметничко дело.
Лансирањето на новиот производ доаѓа и со компонента на проширена реалност (AR), што сугерира дека Кока-Кола продолжува да инвестира во метаверзумот. Од компанијата посочија дека пакувањето на производите на пијалакот Dreamworld може да се скенира за да се пристапи до AR-искуство создадено во соработка со популарниот фестивал за електронска музика Tommowland.