(31.08.2020) – Светскиот гигант за безалкохолни пијалоци Coca-Cola планира глобално реструктурирање на компанијата. Според превидениот план, бројот на опративни бизнис оддели на компанијата ќе биде намален од седумнаесет, поделени по четири географски региони, на вкупно девет. Оперативните директори на различните оддели ќе одговараат пред генералниот оперативен директор на компанијата, Брајан Смит.
Кока-Кола размислува и за намалување на своето портфолио на пијалоци, повлекувајќи ги т.н. „зомби-брендови“. Имено, Кока-Кола поседува околу 400 брендови на пијалоци ширум светот, половина од кои заеднички не носат ниту 2% од вкупните приходи на компанијата. Кока-Кола во тек спроведува ревизија на овие брендови, со цел да се создаде „прилагодена колекција на глобални, регионални и локални брендови со потенцијал за поголем раст.“
Брендовите ќе бидат поделени во пет категории на глобални ниво, за кои компанијата смета дека нудат најмногу можности: „Кока-Кола“; „газирани вкусови“; „хидратација, спортски пијалоци, кафе и чај“; “нутриција, џусови, млеко и растително потекло”; и „нови категории“.
„Промените во нашиот оперативен модел ќе го насочат нашиот маркетинг да поттикнува поголем раст и да го приближи извршувањето на плановите до клиентите и потрошувачите, притоа давајќи му приоритет на портфолио на силни брендови и дисциплинирана рамка за иновации“, истакна претседателот и генерален извршен директор на Кока-Кола, Џејмс Квинси, во однос на нејзиното најавено реструктурирање.
Кока-Кола исто така ќе им понуди на околу 4.000 вработени во САД, Канада и Порто Рико договори за доброволно раскинување на работните односи. Меѓутоа, од компанијата најавуваат и можност за недоброволно кратење на работни места. Кока-Кола очекува дека глобалните трошоци за отпремнина ќе се движат од 350 до 550 милиони долари.
Се претпоставува дека најавениот план за реструктурирање на компанијата е катализиран и со намалувањето од 28% на продажбите на Кока-Кола во вториот квартал на годината, главно поради пандемијата на корона вирусот.