Брендот за безалкохолни пијалоци Coca-Cola го откри својот прв прототип на шише направено од хартија, кое ќе биде тестирано на пазарот во Унгарија.
Новото пакување има хартиена обвивка зацврстена со пластичен слој во внатрешноста и капаче направено од целосно рециклиран полимер. Крајната цел на компанијата е да создаде шише кое ќе може да се рециклира како хартија.
Иновативното пакување е резулатат на партнерството помеѓу научниците од лабораториите за истражување и развој на Coca-Cola во Брисел и компанијата за хартиени шишиња Paboco (The Paper Bottle Company).
Тестирањето на новото шише е планирано за вториот квартал на 2021 година, преку примена на растителниот пијалок AdeZ во сопственост на Coca-Cola, кој ќе биде понуден на 2,000 потрошувачи во Унгарија. Пијалокот ќе може да се купи преку унгарската платформа за онлајн трговија Kifli.hu.
„Тестирањето што го најавуваме денес е пресвртница во нашата заложба да развиеме хартиено шише. Луѓето очекуваат од Coca-Cola да развива и пласира на пазарот нови, иновативни и одржливи видови на пакување. Затоа се здруживме со експерти како Paboco, да експериментираме отворено и да го спроведеме овој пионерски тест,“ истакнува Даниела Захарија, директор за техничкиот синџир на снабдување и иновации во Coca-Cola за Европа.
Хартиеното шише претставува уште едно придвижување напред во глобалната визија на компанијата за постигнување на „свет без отпад“ и исполнување на ветувањето за целосно имплементирање на материјали за рециклирање во своите пакувања до 2030 година.
„Се чини дека AdeZ е совршен избор за нашиот прототип на хартиено шише“, изјави Каталин Халаш, маркетинг директор за прехрамбени категории на Кока Кола за Европа. “AdeZ е растителен напиток, а целта на брендот е “позитивните промени да ги направи поедноставни”. Корисниците на AdeZ често пати и самите се многу заинтересирани за одржливоста, новите достигнувања и иновации во оваа област, така што AdeZ беше логичен избор – вистински пијалок и вистински потрошувачи за тестирање на нашиот прототип на хартиено шише“, објасни таа.
„Почетокот на употребата е важен чекор во проверка на перформансите на хартиеното шише, но исто така и како потрошувачите го прифаќаат тоа“, рече Штајн Франсен од Кока Кола Европа, менаџер за иновации во истражување и развој на пакување. „Прототипот на хартиеното шише може 100% да се рециклира и моментално се состои од хартиена обвивка, со пластичен внатрешен слој и затворач, кој исто така може да се рециклира.“ Штајн Франсен нагласи дека партнерството на Кока Кола со компанијата Paboco има за цел понатамошно развивање на хартиено жише кое целосно ќе може да се рециклира, како хартија.
„Овој тест ќе ни обезбеди непроценлив увид и повратна информација за тоа какви се реалните перфоманси на прототипот на хартиеното шише како пакување, но исто така и за тоа што мислат и чувствуваат потрошувачите за тоа. Ова е претставува возбудлив чекор напред за нас, надвор од лабораторијата, во реалниот свет. За прв пат потрошувачите навистина ќе имаат можност да пијат од потенцијално целосно нов вид на амбалажа“, додаде Франсен.