Кон крајот на месец август, Coca-Cola најави глобално реструктурирање на компанијата кое ќе го вклучува и повлекувањето на бројни брендови на пијалоци кои губат чекор со пазарот. Сега, Coca-Cola го отпочна таквиот процес, ревидирaјќи го сопственото глобално портфолио на брендови се’ со цел негова оптимизација за понаматошен развој на компанијата.
Според соопштението од компанијата, таа веќе се одлучила да повлече повеќе брендови на пијалоци низ светот, вклучувајќи ги и Coca-Cola Life, Diet Coke Feisty Cherry, ZICO, Northern Neck Ginger Ale, Delaware Punch, Vegibeta, Kuat, како и својата прва диетална кола лансирана пред 60 година – TaB.
„Се предизвикуваме сами да размислуваме поразлично во однос на нашите брендови со цел да ја забрзаме нашата трансформација како потполна компанија за пијалоци. Не се работи за сведување до определен број на производи кои се нудат под нашите брендови. Целта е да се поттикне импактот и растот. Да продолжиме да го следиме потрошувачот и да одлучуваме со намера кои од нашите брендови најмногу ги заслужуваат нашите инвестиции и ресурси, истовремено преземајќи ги оние тешки, но важни чекори за идентификација на оние производи кои губат на релевантност и поради тоа не треба да бидат дел од нашето портфолио,“ истакнува Кет Кетцер, глобален директор за иновации и маркетинг операции во Coca-Cola.
Компанијата соопшти дека покрај повлекувањето на одредени брендови, го ревидира и своите договори со други компании за флаширање и пакување со цел понатамошно подобрување на својата деловна ефикасност.