По повод кинеската Нова Година, односно настапувањето на „Годината на волот“ според кинескиот календар, брендот за безалкохолни пијалоци Coca-Cola лансираше емотивна кампања во која ја истакнува важноста на едноставните задоволства и фамилијата.
Создадена со помош на креативната агенција McCann Worldgroup Shanghai, рекламата ги раскажува приказните на три тинејџери од Кина – Meiling, Xiaoming Wang и Little Piggy.
Тие на почетокот од краткиот филм ги објаснуваат нивните незадоволства и иритации за време на празникот. Meiling се жали на гужвата која се создава во нејзината куќа во овој период од годината и недостатокот на приватност поради тоа. Xiaoming Wang раскажува како преферира да игра видео-игри наместо да ја игра улогата на фамилијарен „набавувач“ и „доставувач“. Little Piggy пак, го изразува своето незадоволство од долгото патување со автобус кое мора да го издржи за да се врати во своето село.
Меѓутоа, трите тинејџери потоа ги „признаваат“ своите вистински чувства за овие мали моменти во животот, објаснувајќи дека и покрај сите свои незадоволства, едноставните радости како заедничкиот оброк со блиските се поважни од било кога, особено по пандемијата на Ковид-19.
„Многу млади од Кина гледаа на кинеската Нова Година како некаква обврска, како рутина. Но, во 2020 година, Ковид-19 го промени сето тоа, одземајќи нешто што многу млади го земаа „здраво за готово“, инспирирајќи промена во перспективата за работите што навистина се важни – фамилијата, пријателите, конекциите и љубовта. Како бренд што се залага за заедништво и оптимизам, видовме дека ова е можност да ги поттикнеме вредностите на нашиот бренд, со тоа што ќе ги доловиме овие признанија кај кинеската младина во рамките на нашиот филм,“ истакнува Басам Куреши, директор за интегрирани маркетинг искуства во Coca-Cola.