За прв пат после 2016 година, светскиот гигант за безалкохолни пијалоци Coca-Cola објави нов дизајн на своите пакувања. Ова е првиот редизајн што го прави компанијата по лансирањето на стратегијата “One Brand”, која предвидува унифициран изглед на сите пијалоци под брендот Coca-Cola.
Решението претставува поминималистички изглед со отстранети „дополнителни елементи“, како црвениот диск и белата брановидна линија кои беа дел од претходниот дизајн.
Целта на редизајнот бил да се „овозможи едноставен и интуитивен навигациски систем меѓу сите варијанти на Coca-Cola“. Процесот на редизајнирање започнал со новото пакување за Coca-Cola Zero, создадено со цел да се запази принципот на “One Brand” под универзално-препознатливата црвена боја на Coca-Cola, по што следелe и останатите варијанти.
Со цел разликување на различните пијалоци, препознатливите парови на бои остануваат исти: црвено-бела за класична Coca-Cola, црвено-црна за Coca-Cola Zero и сребрено-црвена за Diet Coke.
Празниот простор на дното од лименките претставува „визуелна метафора“, односно логото на врвот укажува дека пијалоците го „подигнуваат духот“.
Пакувањата со новиот дизајн се веќе лансирани во Европа и Латинска Америка, по што ќе следуваат и останатите светски пазари. Се очекува дека промената ќе биде комплетирана до 2022 година.
Новиот изглед е дизајниран од страна на in-house тим на компанијата, стациониран во Атланта, САД.